Утрински Весник
Балкан

Турција: Единаесет доживотни казни за пожарот во хотелот „Гранд Картал“ во кој загинаа 78 лица

20251031131246 big 730x400 32.webp.webp
Dik 300x250 mk

Судот во северозападна Турција денеска изрече единаесет доживотни затворски казни за смртоносниот пожар што во јануари го зафати луксузниот хотел „Гранд Картал“ во скијачкиот центар Карталкаја, во кој загинаа 78 лица, јави турската телевизија НТВ и државниот сервис ТРТ.

Триесет и четири од жртвите биле малолетни деца кои во хотелот го поминувале зимскиот распуст со своите родители. Вкупно 137 лица беа повредени во трагедијата.


Меѓу 11-те осудени на доживотен затвор со строг режим се: Сопственикот на хотелот, Халит Ергјул, неговата сопруга Емине Ергјул и нивните ќерки Елиф Араз и Џејда Хаџибекироглу (кои биле дел од раководниот состав на хотелот).
Главниот менаџер Емир Арас и управителот Зеки Јилмаз.
Заменик-градоначалникот на Болу, Седат Ѓуленер, и директорот на друг хотел, Ахмет Демир.
Финансискиот директор Кадир Јоздемир, заменик-началникот на противпожарната служба Кенан Џошкун и пожарникарот Ирфан Аџар.

Сите 11 осудени лица добија и дополнителни 44 затворски казни од по 24 години и 11 месеци за смртта на преостанатите жртви, без право на намалување на казните – објави „Туркије Тудеј“.

Обвинителството ги товареше сопствениците, менаџерите на хотелот и општинските службеници за сериозни безбедносни прекршувања и небрежност, обвинувајќи дел од нив за „убиство со веројатна намера“, а други за „предизвикување смрт и повреди преку свесна небрежност“.

Судењето се водеше против вкупно 32 обвинети, од кои 20 беа во притвор, а поради големиот обем, судската седница се одржа во специјално адаптирана сала во локално училиште во провинцијата Болу, со засилени безбедносни мерки.

Пожарот, еден од најсмртоносните во поновата турска историја, избувна на 21 јануари во кујната на 12-катниот хотел и се проширил поради дрвената фасада, покажуваат првичните наоди. Трагедијата предизвика гнев во јавноста поради неадекватноста на безбедносните мерки. Според медиумските написи, истрагите утврдиле бројни нерегуларности кои можеле да бидат отстранети, а со тоа да се избегне големиот број жртви.

Објавувањето на пресудите беше дочекано со аплауз во судницата. Сепак, критичарите сметаат дека во судскиот процес од одговорност биле исклучени функционери од Владата и од Министерството за туризам.

Можете да прочитате

Српската полиција приведе две лица поради сомневање за напад врз уставниот поредок на државата

Српската Влада го прогласи 1 ноември за Ден на жалост

Вучиќ: Се извинувам за некои работи што ги кажав