Утрински Весник
Македонија

Турција дала рок за екстрадиција на Палчо, но Лога не кажа кога тој истекува

Palco.jpg

Министерот за правда Кренар Лога информира дека и денеска неофицијално комуницирале со колегите од Турција околу екстрадицијата на Љупчо Палевски, и била побарана информација од наша страна кога ќе биде неговата испорака.

На новинарско прашање дали од турска страна биле посочени одредени рокови кога Палевски би бил испорачан во нашата држава, Лога одговори:

„ Ни дадоа некој рок. Јас не сакам да кажувам такви детали бидејќи таа работа зависи од нив, а не од нас. Неофицијално сме комуницирале и денеска од тука, баравме информација кога ќе биде испораката на Палевски“, кажа Лога.

Повтори дека при посетата на македонската делегација во Турција им било кажано дека судскиот дел кај нив е завршен и останува само административниот дел.

„Според нивните правила мора прво таму да се потпише нивното МНР, па потоа министерот за правда и очекувам дека тоа ќе биде во брзо време, бидејќи такви беа и зборовите од мојот колега од Турција“, информира Лога.

Барањето за екстрадиција доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.

Доколку биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во истражниот затвор во Шутка. Таму веќе се наоѓаат тројцата осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства.

Можете да прочитате

Возилото било кај зградата на Вања три дена пред грабнувањето, вели сведокот на денешното рочиште

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер