Утрински Весник
Македонија

Труења кучиња во Неготино, загриженост изрази и градоначалничката

20260120173434 big 730x400 96.webp.webp

Со длабока загриженост ги следам пријавите и сведоштвата за труење и сурово постапување со кучиња во Неготино. Ова го осудувам најостро. Вакви дејствија не смеат да се случуваат во градот во кој живееме, напиша денеска на „Фејсбук“, градоначалничката Марија Нацева.

– Законот за заштита и благосостојба на животните е јасен, а намерното труење и мачење животни претставува сериозен прекршок и ваквите дејствија можат да повлечат и кривична одговорност, согласно важечките закони. Сакам јавно да појаснам – Општина Неготино не молчи и не стои настрана. За овие случаи доставени се информации и пријави до надлежните органи, и очекувам институциите да постапат итно и решително. Во оваа постапка клучна е улогата на МВР, инспекциските служби, вклучително и Агенцијата за храна и ветеринарство, додаде Нацева.

Неготинската градоначалничка ги повика надлежните институции да излезат на терен, да се направи стручно постапување и да се санкционира секој сторител.

– Апелирам и до сопствениците на миленици – да бидат одговорни, да ги чуваат своите животни во безбедни услови и да не ги пуштаат без надзор. Напуштањето на миленици и нивното оставање на улица е неодговорно и недозволиво, додаде градоначалничката.

Таа истакна дека овде не станува збор само за благосостојбата на животните.

– Расфрлан отров на јавна површина е сериозна закана за јавното здравје и безбедноста на граѓаните, особено на децата. До сите жители – пријавувајте веднаш во полиција ако забележите сомнителни материи или труење, и не допирајте сомнителни остатоци на јавни површини. Единствено со заедничка реакција и координација можеме да спречиме нови случаи, подвлече Нацева.

Во објавата истакна дека Неготино мора да биде град на ред, безбедност и одговорност, за луѓето и за животните.

– Како локална самоуправа ќе продолжиме да инсистираме на системско и хумано решавање на проблемот, во рамки на законските надлежности, нагласи градоначалничката.

Можете да прочитате

Мицкоски од Давос: Во наредните години за два ипол пат ќе порасне потреба од електрична енергија, Македонија нема да биде нем набљудувач на тие процеси

МВР го пронајде возачот кој леташе со 293 км/ч на автопатот Скопје–Гевгелија

Продолжи судењето против таткото на Васил Јованов, одбраната со забелешки за изведувањето на доказите