
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, изнесува 0,2 отсто, соопшти денес Државниот завод за статистика. Во однос на истиот месец лани, пак, индексот на трошоците на животот бележи зголемување од 4,9 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,2 отсто, покажуваат статистичките податоци.
Како што се наведува во соопштението на ДЗС, зголемувањето на инфлацијата во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: Разновидни стоки и услуги за 1,6 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1,5 отсто, Ресторани и хотели за 0,7 отсто, Храна и безалкохолни пијалаци, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и Рекреација и култура за 0,1 отсто…
Во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Транспорт за 0,9 отсто, Комуникации за 0,4 отсто и Облека и обувки за 0,2 отсто.
Индексот на цените на мало во јануари 2025 година во однос на декември 2024 година изнесува 99,6.
Ако се гледа на годишно ниво, во јануари годинава во однос на истиот месец лани, најголемо зголемување на трошоците за живот има кај храната и безалкохолните пијалоци, за 5,7 отсто, а во рамките на оваа група, најмногу се зголемиле трошоците кај маслата и мастите, за 11,8 отсто, потоа кај зеленчукот за 10 отсто, безалкохолните пијаолоци за 16 отсто, , потоа винот за седум отсто, тутунот за шест отсто итн.
Високи стапки на пораст кај трошоците има и кај реалните наемнини за домување, за 6,3 отсто, потоа снабдувањето со вода за 6,4 отсто, собирањето смет 10,3 отсто, производите и услугите за редовно одржување ан домаќинствата за 5,7 отсто, а домашните услуги и услуги за домаќинствата дури за 22 отсто. Трошоците за стоматолошки улсуги биле поголеми за 8,8 отсто, за вонболнички здравствени услуги за 7,5 отсто, транспортните услуги за 14,3 отсто, воздухопловниот патнички транспорт за дури 30,2 отсто, услугите за сместување за 34 отсто и тн.
Инаку, минатата година, годишната стапка на инфлација изнесуваше 3,5 отсто, а цените на мало од 3,8 отсто.
Во декември 2024, пак, во споредба со истиот месец од 2023 година, трошоците на живот се зголемени за 4,4 отсто, а цените на мало за 4,3 отсто.