
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски соопшти дека денес се исплатени над 407 милиони денари кон близу 8.000 земјоделци.
Имено, исплатени се 259 милиони денари кон 4.143 земјоделци од подмерка 1.7, односно за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети, во рамките на Програмата за финансиска поддршка за 2024 година.
Висината на директните плаќања изнесува 3 денари по килограм за сите градинарски култури, освен за пиперката од сортата куртова капија каде висината на директните плаќања изнесува 5 денари по килограм, кои што се предадени за периодот мај-јуни и ноември-декември 2024 година.
Оваа мерка е клучна за поддршка на нашите градинари кои се посветени на квалитетно производство наменето за понатамошна преработка.
Истовремено, денес се изврши исплата на над 147 милиони денари кон 3.686 земјоделци за мерка 2.3, односно за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко од Програмата за финансиска поддршка за 2025 година.
Висината на директните плаќања изнесува 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко.
Овие исплати се однесуваат за период јануари, февруари и март 2025 година, со што поддршката кон сточарскиот сектор континуирано продолжува.
Само за пoтсетување како министерство од почетокот на мандатот исплативме над 11 милијарди денари кон земјоделците, што претставува доволен доказ за нашата посветеност и развој на македонското земјоделство.
Нашата заложба за зголемување на конкурентноста на македонските земјоделски производи продолжува понатаму.
Со одговорно и домаќинско работење покажавме дека ги градиме темелите на промените, и го вреднуваме трудот на македонските земјоделци.
Во следниот период продолжуваме со поддршка на македонските земјоделци затоа што земјоделството останува како еден од приоритетите на Владата, истакна на денешната прес конференција Трипуновски.