Бостон Селтикс ја прекинаа победничката низа на Далас Маверикс, Денвер Нагетс во дербито на западот ги декласираа ЛА Клиперс, Лаури Марканен постави личен рекорд во победата на Јута против Хјустон, а Џа Морент го предводеше Мемфис до победата над Орландо.
Денвер Нагетс одиграа еден од најдобрите натпревари сезонава, го декласираа ЛА Клиперс со 122:91. Предноста на Нагетс во еден момент изнесуваше 43 поени.
Најдобриот играч на тимот, Никола Јокиќ воопшто не играше во последниот период.. Актуелниот МВП дуелот го заврши со 12 поени, шест скока и девет асистенции. Џамал Мареј беше најефикасен со 18 поени, 13 од нив постигна во последната четвртина. Покрај Јокиќ и Мареј, уште петмина играчи на Денвер постигнаа двоцифрен број на поени.
Немоќните Клиперси ги предводеа Ник Пауел со 13 поени. Ниту еден стартер на тимот од Лос Анџелес немаше двоцифрен учинок – најефикасен беше Ивица Зубац со осум 8 поени, Каваи Ленард постигна шест, а Пол Џорџ само три поени.
Најдобриот тим во лигата, Бостон убедливо победи во Далас 124:95. Џејсон Тејтум имаше 29 поени, 14 скока и 10 асистенции за својот втор трипл-дабл во кариерата, додека Џејлен Браун додаде 19 поени.
Во тимот на Далас повторно најефикасен беше Лука Дончиќ кој постигна 23 поени, но словенечкиот претставник ги промаши сите шест шута за три поени.
Кошаркарите на Јута го победија Хјустон со 131:114, предводени од Лаури Марканен, кој постигна рекордни во кариерата 49 поени.
Најдобро го следеа Малик Бисли и Џордан Кларксон со по 19 поени, додека кај Хјустон најдобри беа Џејлен Грин со 30 и Кевин Портер со 23 поени.
Мемфис ја забележа петтата победа во низа. Гризлис славеа во дуелот со Орландо со 123:115.
Најзаслужни за тоа беа Џа Морант со 32 поени, шест асистенции и пет скока и Џерен Џексон, кој додаде 31 поен и 10 скока.
На другата страна најефикасен беше Паоло Банкеро со 30 поени.