Шпанија, Португалија и Франција најавија дека ќе изградат подводен гасовод за транспорт на водород и гас меѓу Барселона и Марсеј.
Португалскиот премиер Антонио Коста рече дека рутата, наречена Бармар, главно ќе се користи за пумпање зелен водород и други обновливи гасови, но и привремено ќе овозможи транспорт на ограничена количина природен гас за да се олесни енергетската криза во Европа, објави „Ројтерс“.
„Гасоводот е одговор на повиците за солидарност од нашите европски партнери пред уцената на рускиот претседател Владимир Путин“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез за новинарите во Брисел, каде што тројцата лидери се сретнаа денеска.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека „императив е Европа да остане обединета“.
Бармар го решава ќор-сокакот меѓу Шпанија и Португалија, кои сакаа да го продолжат гасоводот „Мидкет“ за да може да продаваат гас во централна Европа, и Франција, која тврди дека изградбата на гасоводот ќе трае премногу долго за да се решат краткорочните проблеми со снабдувањето.
„Добра вест – една од најстарите блокади во Европа е надмината“, рече Коста.
Шпанија и Франција исто така се согласија да ја забрзаат електричната интерконекција преку Бискајскиот Залив и да идентификуваат и да работат на други врски меѓу двете национални мрежи, се вели во заедничката изјава.
Лидерите на трите земји се договорија повторно да се сретнат во Аликанте, Шпанија, на 9 декември за да одлучат за временската рамка за изградба и како да ја финансираат.