Собранието Македонија денеска ја избра новата, преодна Влада која во наредниот период треба да организира фер и демократски избори, со што Македонија по третпат има Влада од таканаречен „Пржински“ формат.
Новата, преодна Влада на Република Северна Македонија е во состав:
м-р Талат Џафери, претседател на Владата на Република Северна Македонија,
Славјанка Петровска, министерка која ќе раководи со Министерството за одбрана,
Панче Тошковски, министер кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи,
Кренар Лога, министер кој ќе раководи со Министерството за правда,
Артан Груби, министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците,
Бујар Османи, министер кој ќе раководи со Министерството за надворешни работи,
Фатмир Бесими, министер кој ќе раководи со Министерството за финансии,
Крешник Бектеши, министер кој ќе раководи со Министерството за економија,
Љупчо Николовски, министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,
Фатмир Меџити, министер кој ќе раководи со Министерството за здравство,
Јетон Шаќири, министер кој ќе раководи со Министерството за образование и наука,
Ѓоко Велковски, министер кој ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика,
Ристо Пенов, министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа,
Бисера Костадиновска – Стојчевска, министерка која ќе раководи со Министерството за култура,
Азир Алиу, министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација,
Благој Бочварски, министер кој ќе раководи со Министерството за транспорт и врски,
Каја Шукова, министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање,
Бојан Маричиќ, министер без ресор задолжен за европски прашања,
Фатмир Битиќи, министер без ресор задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, и
Славица Грковска, министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.
Во експозето на мандатарот и кандидат за претседател на преодната Влада, Талат Џафери, кое претходеше на изборот на Владата, тој посочи дека првиот приоритет на преодна Влада ќе биде одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, но воедно и дека нема да се отстапи од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија.
Воедно, тој посочи дека оваа Влада е продолжение на претходната Влада која работеше со усвоена Програма за работа на Владата 2022-2024, и дека новиот состав на Владата се обврзува да продолжи со целосно, ефикасно и успешно спроведување на усвоените политики.
„Владата на Република Северна Македонија има мандат за реализација на истакнатите приоритети врз основа на стратешките определби дефинирани на јасен и консензуален начин за целосна и забрзана интеграција и полноправно членство на државата во Европската Унија до 2030 година; за успешно функционирање и придонес за заедничката државна, регионална и европска колективна безбедност во рамките на НАТО Сојузот; за ефикасно спроведување на успешните политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и забрзувањето на растот и економскиот развој преку јасните индикатори во 2024 година, како и целосното продолжување на успешните политики, инструменти и одлуки за поддршка на социјалните, здравствените, образовните, културните и цивилните потреби и приоритети на сите граѓани”, посочи новоизбраниот претседател на преодната Влада, Талат Џафери.