Утрински Весник
Македонија

Трет човек во трката за градоначалник на Куманово – независниот Горан Стојковски

Goran stojkovski diro.jpg

Горан Стојковски познат како Диро влезе во трката за градоначалник на Куманово како независен кандидат. Тој работи во Секторот за урбанизам во Општина Куманово, а два мандати беше директор на ЈП „Водовод“.Пред него официјални кандидати се Максим Димитриевски од ЗНАМ, кој веројатно ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, и организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски.

Тој вчера заедно со носителот и дел од кандидатите за советници ја презентираше кандидатурата во име на граѓанската иницијатива „Ред за Куманово“.


Промоцијата се одржа пред градскиот часовник во центарот на градот, симболично избран како потсетник на застојот што, според Стојковски, го обележува Куманово во изминатите две децении.

„Денес стојам во срцето на Куманово, пред градскиот часовник кој веќе 20 години не работи и кој е симбол на застојот и хаосот во кој живееме. Но секој застој има крај. Време е часовникот на нашиот град повторно да тргне“, порача Стојковски.

Стојковски истакна дека независната листа не е само реакција на неуспехот на политичките партии, туку визија за нов модел на управување со градот.

На прашањето на кои гласови смета, со оглед на тоа што дел од тимот се поранешни членови на политички партии, Стојковски одговори, дека луѓето со него се лојални на идејата и на граѓаните, а не на партијата.

„Кај никој од нас нема лојалност кон партиската апаратура и бирократија. Тоа што сме биле по партии, значи дека луѓето се обидувале преку институционалниот систем да направат промена. Но видовме дека партиите не можат тоа да ни го испорачаат. Затоа сакаме градот да го менаџираат луѓе кои се докажале во својата професија. Типуваме на гласовите на секој кумановец кој сака ред, на секој граѓанин кој својата иднина и иднината на своето семејство ја гледа тука“.

Стојковски истакна дека ако е потребно, ќе соберат и 10.000 потписи за кандидатурата.

Стојковски пред градскиот часовник во Куманово најави решавање на пет клучни проблеми во градот – чист град, системско управување со отпад уреден град, одржување на сигнализација, функционален, нови паркинг места, велосипедска инфраструктура, безбеден град, нови паркинг места, јавен превоз, поддршка за култура, уметност, спорт.

Стојковски беше директор на водоводното претпријатие во времето кога градоначалник беше Зоран Дамјановски – Циц. Минатата сабота, Дамјановски во разговорот на Радио Канал 77 изјави дека целосно го поддржува Костовски во трката, па и ако неговиот поранеше соработник Стојковски се појави како независен кандидат.

Од албанскиот блок засега нема најава за кандидат за градоначалник, иако во општината има 12.000 гласачи.

Можете да прочитате

Осум активни пожари, се уште активен пожарот во резерватот Јасен, информираат од ЦУК

МНР: Се чека на потврда на идентитетот за да се утврди дали македонски државјанин е меѓу тројцата убиени во Боливија

Нов бран на измами преку Вибер – Еве на што да внимавате