
Од фејсбук статусот на претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, кој денеска јавно го отвори прашањето дали пратениците ќе гласаат во интерес на работниците или ќе продолжат да ги штитат сопствените плати.
„Дојдовме по нивните плати. Ќе гласаат за себе, а против работникот, или ќе гласаат за работникот, а против себе? Ќе ги намалуваат нивните или ќе ги зголемуваат работничките плати?“, порача Трендафилов.
Сојузот на синдикати денеска во Собранието поднесе иницијатива за измени на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица. Со иницијативата, како што информираат од Синдикатот, се бара пратениците самите да поднесат законски измени, а доколку тоа не се случи, ССМ најавува дека ќе собере 10.000 потписи од работниците и сам ќе поднесе предлог-закон, согласно законската регулатива.
Од ССМ потенцираат дека, доколку пратениците одбиваат да го изгласаат Законот за раст на минималната плата, тогаш треба да се солидаризираат со работниците и да си ги намалат сопствените плати за 78 проценти – токму онолку колку што си ги зголемија во април 2023 година.
Трендафилов појасни дека иницијативата е поднесена врз основа на член 71 од Уставот и предвидува измена на членот 11 од Законот, со што основицата за пресметка на платите на функционерите, наместо просечната плата, да биде минималната плата. Дополнително, ССМ бара и намалување на коефициентот на сложеност за 40 проценти, што во вкупна сума би значело околу 80 проценти намалување на платите на функционерите.
„Ова го бараме затоа што пратениците безобразно не ги зголемуваат платите на работниците и ја чуваат иницијативата на ССМ во фиока. Денес минималната плата кај нас е најниска не само во регионот, туку и во Европа“, изјави Трендафилов откако ја предаде иницијативата во архивата на Собранието.
Тој нагласи дека не смее да има дискриминација во платите и дека Синдикатот не смее да биде уценуван со укинување одредби од Општиот колективен договор во јавниот сектор. Според него, пратениците имаат рок иницијативата да ја разгледаат и да ја стават на дневен ред на седница во вторник.
Членот 11 од Законот, на кој се повикува ССМ, овозможува секоја година автоматски раст на платите на пратениците, министрите и околу 1.080 функционери, бидејќи основицата се врзува со просечната плата во државата. По зголемувањето од 78 проценти во 2023 година, во 2024 беа намалени коефициентите за да се избегне нов раст, а во 2025 платите беа замрзнати. Од Синдикатот предупредуваат дека доколку замрзнувањето се укине, платите на функционерите повторно значително ќе пораснат.


