
Владата и работодавачите треба да седнат и да се договорат за износот со кој се подготвени да ја зголемат минималната плата, а потоа да ги повикаат синдикатите, порача претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, по денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на која една од главните теми беше растот на минималецот.
Трендафилов истакна дека на седницата се разговарало за различни износи – од 600, 700 и 800 евра, па сѐ до 1.000 евра минимална плата, но, според него, и покрај изразената желба, во моментов не постои реално расположение за зголемување од 1 јануари. Поради тоа, како што рече, македонските работници Новата година ќе ја дочекаат како најсиромашни на Балканот и во Европа.
Тој укажа дека од 1 јануари Албанија ќе има минимална плата од 500 евра, Косово од јуни ќе достигне 500 евра, Србија 550 евра, а во Босна и Херцеговина минималната плата ќе биде на ниво на просечната плата во Македонија. Според Трендафилов, ниту овие споредбени податоци не биле доволен аргумент за социјалните партнери, при што изрази незадоволство и од однесувањето на дел од другите синдикати кои, како што рече, не застанале зад барањата за повисоки плати.
Претседателот на ССМ уште еднаш ги повика Владата и работодавачите во најкус можен рок да се договорат за зголемување на минималната плата, а во спротивно најави протести и штрајкови.
„Како во 2022 година, така и во 2026 година во јануари и февруари, веројатно ќе преземеме конкретни мерки и активности за да се избориме за зголемување на минималната плата, а со тоа и за раст на сите останати плати. Усогласувањето на минималната плата што се планира во март следната година нема да биде доволно за да ги покрие зголемените трошоци за живот“, изјави Трендафилов.
Тој побара поддршка од работниците за идните чекори на ССМ, нагласувајќи дека доколку не се слушне јазикот на аргументите, ќе се слушне гласот на работниците на друг начин.
На седницата на Економско-социјалниот совет, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но нагласи дека тоа мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и во рамки на реалните економски можности.


