Утрински Весник
Македонија

Тренчевска за изборот на Славески: Партиски послушник кој барањето за повисоки плати го нарекуваше „фолклор“

Screenshot 2025 05 29 110308.jpg

Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, на седница во Собранието реагираше на предлогот за избор на Трајко Славески за гувернер на Народната банка, оценувајќи дека станува збор за партиски послушник на ВМРО-ДПМНЕ и несоодветен избор за ваква значајна функција.

„Наместо независна и непартиска личност, за гувернер на Народната банка се предлага партиски војник, долгогодишен истакнат член и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, во моментов член на Извршниот комитет на партијата. Овој предлог сериозно го доведува во прашање принципот на независност на институциите и создава сомнежи за политичко влијание врз клучните економски процеси во земјата“, рече Тренчевска.


Таа потсети дека Народната банка досега беше водена од гувернерка, непартиска личност со неспорен углед, Анита Ангеловска-Бежоска, првата жена на таа функција, која, како што рече, седум години ја извршуваше должноста без ниту една дамка во својата работа. Според Тренчевска, со предлогот Славески да биде гувернер, власта ја партизира и последната институција што ја водеше независен експерт.

„Што знаеме за Славески како политичар и функционер? За неговото име се врзани скапото задолжување на државата во 2009 година, за време на неговиот мандат како министер за финансии, кога беше издадена еврообврзница во вредност од 175 милиони евра со највисока досега каматна стапка — 9,87%. Во време на светската економска криза во 2008 година, наместо силни антикризни мерки — владата продолжи со скапи проекти, не понуди доволна поддршка на граѓаните, бизнисот и работниците. Даночната политика на Славески беше во корист на побогатите, воведувајќи го рамниот данок од 10.

Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, беше најгласниот противник на зголемување на минималната плата. Славески го нарекуваше барањето за повисоки плати „фолклор“, а зголемувањето на минималецот го сметаше за економски крах“, посочи Тренчевска.

Таа се осврна и на неговите, како што рече, дискриминаторски ставови и објави на социјалните мрежи, кон Ромите и кон странските работници. А како претседател на Советот на Град Скопје, според неа, ќе остане запаметен како „лицето што го уништи градот, човекот што прави театар од седниците, свесно го блокираше функционирањето на градот, како човекот што ги водеше битките на ВМРО-ДПМНЕ со Арсовска откако им пропаднаа бизнис-зделките, и по изјавите со кои ги оправдува едностраните трошоци за скапи авионски билети во бизнис класа, додворувајќи се очигледно на премиерот, за да може да биде поставен на функцијата гувернер“, рече Тренчевска.

Можете да прочитате

Утре мирен народен собир пред резиденцијата на г.г. Стефан за поддршка на епископ Партениј како кандидат за митрополит на Дебарско-кичевската епархија

Доаѓа крај на лошото време – Еве од кога

Филипче: Се потврди дека Мицкоски е продолжена рака на Орбан