Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со претставнички на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Билјана Радончич-Кер-Линдзи, помошник директор во секторот родова и економска инклузија, ЕБРД и Есмералда Шехаљ од ЕБРД -Тирана и Марија Ристевска од Центарот за истражување и креирање на политики(ЦРПМ).
Претставничките од ЕБРД, ги потенцираа главните аспекти на кои работи секторот за родова и економска инклузија, како и родовата компонента во корпорациите. Притоа, посочија дека поврзувањето на образовните институции, приватниот сектор и агенциите за вработување е особено важно затоа што на тој начин може да се креираат најдобрите политики и мерки. Компаниите да ја изложат потребата од тоа што им е потребно, како да го применуваат правилно родовиот концепт и создавањето на еднакви можности за сите. Невработените лица се стекнат со потребните вештини кои се барани на пазарот на труд и нивна активација.
Министерката Тренчевска истакна дека реализацијата на Оперативниот план за активни програми и мерки дава одлични резултати.
„ Имајќи во предвид дека за не цели 2 години се вработиле се 3370 жени а со вештини и квалификации барани на пазарот на трудот се стекнале 6035 жени, односно речиси 10.000 жени е доволен доказ за значењето и успешноста на мерките за вработување кои Владата на Република Северна Македонија ги реализира секоја година,“ рече Тренчевска.
Министерката се осврна и на Стратегијата за родова еднаквост, 2022-2027 година која е основен стратешки документ на Република Северна Македонија со кој се воспоставува сеопфатна рамка за понатамошни активности во насока на унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените.
„Со донесување на оваа Стратегија, Република Северна Македонија се стреми кон унапредување на состојбата на родовата еднаквост во согласност со меѓународните стандарди, препораки и обврски, препознавајќи дека родовата еднаквост е еден од клучните аспекти за просперитет на целото општество,“ истакна Тренчевска.
На средбата стана збор и за новиот Закон за родова еднаквост, чија цел е да се обезбеди остварување на потполна родова еднаквост во сите сфери на јавниот и приватниот живот со зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството и овозможување на еднакви можности за остварување на сите права преку унапредување на родовата еднаквост. Очекувањата се дека тој наскоро ќе стане дел од нашето законодавство.