Жителите на Општина Боговиње за првпат добиваат нова градинка, во која ќе бидат згрижени 87 деца од оваа општина.
Новата градинка е изградена по највисоките стандарди, вклучувајќи и високо ниво на енергетска ефикасност, со што на децата ќе им се овозможи пристап до квалитетна услуга, информираат од МТСП.
„Градинката ги има сите современи услови за одржување на соодветна воспитно-образовна дејност за децата од предучилишна возраст преку концептот – учење преку игра. Оваа градинка е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика. Изградбата на градинките е дел од активностите од Компонента 2 од Проектот, а целта е да се зголеми пристапот до социјалните услуги за ран детски развој со посебен акцент на децата во социјален ризик, децата со посебни потреби и децата од ромски семејства. Проектот е поддржан од Светската банка“, велат оттаму.
„Еден од најважните приоритети на оваа Влада е подигнување на квалитетот на социјалните услуги, а дел од нив е и грижата за децата и градење систем за обезбедување згрижување и квалитетен развој. Сега, плодовите од изградба на тој систем се веќе видливи и не се повеќе идно, туку сегашно време, а во сегашното време за резултатите најдобро говорат насмеаните лица на родителите, децата и воспитно-образовниот кадар. Денес сме многу горди бидејќи во општината Боговиње за првпат жителите добиваат пристап до квалитетна социјална услуга во близина на местото на живеење. Тоа значи поквалитетен живот за сите, а особено за најмладите, кои добиваат можност за современ детски развој. Покрај тоа, оваа градинка е пример за еднаков пристап и грижа за сите жители, независно дали се работи за поголема или помала општина, што е цел на социјалната реформа“, истакна Јованка Тренчевска – министер за труд и социјална политика.
Во рамките на Проектот што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, е предвидена изградба, реконструкција и надградба на 16 градинки од кои 4 веќе почнаа со работа. На тој начин се обезбедува капацитет за повеќе од 1900 деца во повеќе градови и населени места.