Утрински Весник
Македонија

„Треба се инвестира во науката“ – шумарскиот факултет одбележа 75-години постоење

„Треба се инвестира во науката“ – шумарскиот факултет одбележа 75-години постоење

Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ со пригодна свеченост одбележа 75 години постоење.

dobivaj vesti na viber

Во рамки на настанот, како основна заложба на „Ханс Ем“ беше подвлчено домаќинското управување, заштитата и унапредувањето на шумите – еден од најважните природни ресурси во Македонија но и во светот.

На свеченоста се обрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој оцени дека наставно научниот персонал е за секоја пофалба – максимално посветен на образовниот процес и активен во научно – истражувачката дејност.

Тој потенцираше дека на факултетот се едуцира кадар кој е навистина потребен и изрази надеж дека интересот за овој тип на студии ќе расте во иднина, за што, како што рече, во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од оваа година се воведува нов тип на стипендии за студенти запишани на студии од областа на шумарските науки.

„Стипендиите се стимулативни, затоа што износот е 18.000 денари на месечно ниво, за 9 месеци во годината. И тоа е одлична можност за младите, првенствено да одберат вистинска струка во која ќе можат лесно да се вработат, а притоа, нивната едукација да биде финансиски поддржана и олеснета. Сигурен сум дека понудената квота ќе биде целосно искористена, а ние како институции ќе се задолжиме да одржиме континуитет на нивното доделување секоја следна академска година“, нагласи минитерот, додавајќи дека на државата и требаат сé повеќе инженери, еколози и хортикултуристи и дека тоа со заеднички напори е остварливо.

Пред присутните свое обраќање имаше и деканот, проф. др. Кирил Сотировски кој рече дека факултетот има голема одговорност и обврска не само кон секторите шумарство и екологија туку и кон севкупното општество, а тие заложби го одбележуваат нивното досегашно работење во изминатите 75 години.

Деканот на „Ханс Ем“ предупреди на моментно катастрофалните, па и катаклизмичките еколошки состојби на планетата кои, како што рече, се можеби најдобрата шанса за оживување на секторот шумарство и на сродните еколошки науки.

„Опасности нé демнат многу – од глобални климатски промени, што според мене е веќе депласиран, би рекол дипломатски назив за глобалното прегревање, преку губењето на почвите, опустинувањето, намалувањето на биодиверзитетот, доведено до екстрем, така што веќе живееме во ерата на шестото големо изумирање на видовите организми; сите овие и многу други проблеми директно ги засегнуваат шумите, но со повеќето од тие проблеми може да се справуваме преку модерно, еколошко шумарство“, предупреди Сотировски и апелираше дека инвестирањето во шумарството во државата мора да се сведе на ниво на стратешка долгорочна определба на сите политички и општествени чинители. Што поскоро, тоа подобро за сите, рече тој.

Вработувањата на асистенти е проблем кој го начна Сотировски во обраќањето, коментирајќи дека системот потфрла веќе со децении, и процесот на редовното систематско обновување на академскиот персонал се решава, или почесто не се решава, на ниво на спорадични, несистематски одлуки.

„Чинам дека доколку за нешто би требало најлесно да се дојде до консензус меѓу сите наши политички чинители од најразлични провиниенции, тоа е дека треба да се инвестира во наука. Зарем не сме сите сложни дека најлесниот и загарантиран пат кон напредок на државата е преку прогресивно долгорочно зголемување на инвестициите во истражувања?“, истакна деканот Сотиривски, во таа насока споменувајќи ги како позитивен пример, Словенија, Израел, Финска, Данска, Кина.

Додаде дека во текот на 2020 и 2021 година биле вработени девет асистенти, по повеќе од 10 години и се заблагодари што нивниот долгогодишен крик конечно бил регистриран и соодветно разбран од тогашниот министер за образование. Сепак, рече деканот на факултетот, и покрај оваа среќна разрешница, проблематично е што „решавањето на вработувања за асистенти се базира на тоа министер да го регистрира и разбере нашиот крик, и што воопшто е дојдено до состојба која предизвикува крик и очај“.

Сотировски упати честитки за јубилејот и изрази надеж дека луѓето од секторот се свесни за својата поголема улога – и дека не треба да се сведуваат само на обезбедувачи на дрвна маса, туку да бидат двигатели и чинители на сериозен еколошки пристап кон шумите и кон природата генерално.

Некогашниот Шумарски факултет во Скопје, а од неодамна Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ), е единствената високообразовна и научна институција од областа на шумарството и од сродните области во државата. Како дел од Земјоделско-шумарскиот факултет, тој е формиран во 1947 година, само две години по завршувањето на Втората светска војна.

Можете да прочитате

Николоски: Ќе се гради алтернативен пат на трасата Тетово – Гостивар за да не се отсечат жителите од Полог

Гаши: Газењето на државни знамиња е напад врз сите етнички заедници

Адвокатот Митровски: За палењето на македонското знаме може да се одговара и до пет години затвор