
Американскиот претседател Доналд Трамп ја заостри својата реторика во однос на територијалните експанзии, објавувајќи на социјалните мрежи модифицирани фотографии кои навестуваат проширување на американската доминација врз Канада и повторно истакнувајќи го повикот САД да го преземат Гренланд.
На една од фотографиите, Трамп е прикажан во Овалната соба со европски лидери, покрај табла со мапа на Западната хемисфера, на која САД, Венецуела, Гренланд и Канада се прикажани во црвено-бело-сини бои.
Трамп постојано ја искажувал идејата Канада да биде под американска управа, па дури и да стане „51-ва сојузна држава“, што предизвикало силни реакции во Отава.
Оригиналната фотографија е од август, од средба на Трамп со европски лидери за дискусија за војната во Украина, на која присуствувале Урсула фон дер Лајен, Кир Стармер и Џорџа Мелони.
На друга објавена фотографија, Трамп е прикажан како поставува американско знаме на Гренланд, во друштво на потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.
Натписот гласи: „Гренланд – територија на САД, основана 2026“. Во серија објави на „Трут соушал“, Трамп потенцира дека присвојувањето на Гренланд е „императив“ за светската безбедност.
„Нема враќање назад – за тоа сите се согласуваат“, напишал тој.
Трамп својата визија за засилена контрола врз Западната хемисфера ја нарекува „Доктрина Донро“, спој од неговото име и името на поранешниот американски претседател Џејмс Монро.
Тој тврди дека САД сега ја „контролираат“ Венецуела по воените акции во Каракас на 3 јануари и апсењето на претседателот Николас Мадуро, додавајќи дека Вашингтон неопределено ќе ја управува продажбата на венецуелска нафта.


