Утрински Весник
Свет

Трамп: Имав одличен разговор со Путин, а тој пак руши згради во Киев

Tramp Putin1.jpg

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека останува решен да ги одржи односите со рускиот претседател Владимир Путин, и покрај растечкото незадоволство од постапките на Москва. „Не сум завршил со него“, рече Трамп, додавајќи дека е „разочаран“, но дека се уште смета на можност за договор.

Изјавите следат по неговата најавa дека САД ќе овозможат испорака на оружје за Украина, во момент кога Русија продолжува со интензивни бомбардирања и не прифаќа прекин на огнот.


Како дел од планот претставен во Белата куќа, Трамп во разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се закани дека ќе воведе строги царини за Русија доколку Москва не се согласи на прекин на огнот во рок од 50 дена. Иако претходно се спротивставуваше на директна американска воена помош за Украина, сега Трамп се согласил европските сојузници што купуваат американско оружје да го препраќаат истото тоа оружје во Киев.

Пакетот ќе вклучува системи за воздушна одбрана и батерии „Патриот“, повеќепати побарувани од украинската влада.

Во ексклузивно интервју за Би-Би-Си, Трамп изјави дека „не му верува скоро на никого“, но истакна дека одбива да се откаже од комуникацијата со Путин.

„Разочаран сум, но не сум завршил со него. Но, разочаран сум“, рече Трамп.
„Ќе имаме одличен разговор и ќе речам: ‘Добро е, мислам дека сме блиску до завршување’, а потоа ќе урнат зграда во Киев“, додаде тој.

Во Белата куќа, американскиот претседател сподели и анегдота со новинарите: „Се враќам дома и ќе ѝ кажам на Првата дама: ‘Знаете, денес разговарав со Владимир, имавме одличен разговор’. Таа ќе рече: ‘О, навистина? Уште еден украински град е штотуку погоден.’“

Во текот на изборната кампања, Трамп повеќепати ветуваше дека ќе ја заврши војната во Украина, а најновите потези се толкуваат како обид да се изврши притисок врз Москва и да се забрза процесот кон потенцијално примирје.

Можете да прочитате

ФАА ги укинува ограничувањата, летовите во САД се враќаат на нормален распоред

„Сараево Сафари“: Обвинителството во Милано ја проширува истрагата, Италијанци плаќале за убивање цивили

Скандал со „златниот тоалет“: Зеленски се соочува со најдлабоката криза досега, додека соработници се обвинети за шема од 100 милиони долари во време на војна