
Шведската активистка Грета Тунберг пристигна во Грција во понеделникот, каде беше пречекана од навивачка толпа пропалестински активисти, откако израелските власти ја депортираа заедно со стотици други учесници во обидот да достават хуманитарна помош во Газа.
Во врска со депортацијата на Тунберг, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека таа е „проблем“ и дека „има проблем со управување со гневот“.
„Таа е само проблем. Таа повеќе не се грижи за животната средина, сега го прави ова? Таа има проблем со управувањето со гневот, мислам дека треба да посети лекар. Ако некогаш сте ја гледале, таа е толку лута, толку е луда“, изјави Трамп одговарајќи на новинарски прашања во Овалната соба.
Според информациите на Ројтерс, израелските власти потврдиле дека протерале вкупно 341 активист, меѓу кои и Тунберг, додека се обидувале со неколку бродови да ја пробијат поморската блокада на Газа. Во понеделникот биле депортирани 171 лице, а во вторникот во Атина слетале 161 активист, меѓу кои и 22-годишната Тунберг.
Грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека во групата имало 27 грчки државјани, како и активисти од речиси 20 други земји.
По пристигнувањето во Атина, Тунберг изјави:
„Да бидам сосема јасна. Пред нашите очи се случува геноцид. Никој нема право да каже дека не знаеме што се случува. Никој во иднина нема да може да каже дека не сме знаеле“, рече таа, повикувајќи се на израелските воени операции во Газа.
Таа додаде дека државите имаат обврска според меѓународното право да дејствуваат за да спречат геноцид и остро ги критикуваше владите ширум светот:
„Нашите меѓународни системи ги предаваат Палестинците. Тие не можат ниту да ги спречат најлошите воени злосторства. Никогаш нема да разберам како луѓето можат да бидат толку зли. Она што го направивме со Глобалната мировна флотила беше да дејствуваме кога нашите влади не ги исполнија своите законски обврски“, изјави Тунберг.
Активистите се обидувале да стигнат до Газа со неколку бродови за да достават хуманитарна помош и да го привлечат вниманието кон тешката хуманитарна состојба во регионот, каде повеќе од 2,2 милиони луѓе се раселени, а Обединетите нации предупредија за широко распространет глад.
Израел, пак, ги отфрли обвинувањата за геноцид и изјави дека извештаите за глад се претерани, оценувајќи дека флотилата била „пропаганден трик во корист на Хамас“.
Тунберг и претходно, во јуни, беше уапсена на море при сличен обид да ја пробие блокадата кон Газа.