Утрински Весник
Свет

Трамп: Голем проблем е што земјите од ЕУ и НАТО купуваат руска нафта

Tramp.webp.webp

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека проблемот не е дали САД ќе извршат поголем притисок врз Европската Унија и НАТО во врска со војната во Украина, туку земјите-членки на блокот и Алијансата да купуваат руска нафта.

„Не сакам да купуваат руска нафта, мора веднаш да престанат. Не е фер кон нас што купуваат руска нафта, а ние мора да се погрижиме за работите“, им рече Трамп на новинарите пред неговото патување во Велика Британија, според Ројтерс.


Тој изјави дека „ја сака Украина“, но исто така призна дека земјата е во „сериозни проблеми“.

„Таа војна никогаш не требаше да се случи, земјата е во многу сериозни проблеми, но јас ќе ја спречам. Спречив седум војни во последните осум месеци. Мислев дека и тука ќе биде лесно бидејќи го познавам (рускиот претседател Владимир) Путин, но не беше така. Постои голема омраза помеѓу (украинскиот претседател Володимир) Зеленски и Путин. Но, ние ќе го спречиме тоа“, рече Трамп .

Тој оцени дека Зеленски ќе мора да постигне договор за да се стави крај на инвазијата на Украина, но исто така истакна дека „за танго се потребни двајца“.

„Ова се двајца луѓе, Зеленски и Путин, кои се мразат еден со друг, но се чини дека морам да седам во собата со нив, бидејќи не можам сам. Таму има многу омраза“, рече Трамп, додавајќи дека „многу е постигнато“ на средбата меѓу него и Путин во Алјаска минатиот месец.

Можете да прочитате

Трамп: Ја сакам Украина, но земјата е во сериозна неволја

ЕУ до Израел: Запрете ја офанзивата во Газа, се подготвуваат нови санкции

Путин дојде во униформа на големата воена вежба на источната граница на НАТО