
Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува Чангпенг Жао (CZ), основач и поранешен извршен директор на најголемата светска криптоберза „Бинанс“ (Binance), кој пред две години призна вина во случај поврзан со перење пари.
Одлуката, која веднаш предизвика бурни реакции во политичките кругови, Трамп ја образложи како „потег на правда и разум“, наведувајќи дека ја донел по препорака на повеќе угледни личности и дека, според него, Жао „не е виновен за другите обвинувања“. Тој притоа истакна дека помилувањето „нема никаква врска со Кина“, иако Жао е роден во таа земја, пренесе CNBC.
Од Белата куќа соопштија дека помилувањето е дел од уставните овластувања на претседателот, и дека следи по неколкумесечни активности поврзани со нова регулатива за криптоиндустријата.
Во објава на мрежата X (поранешен Твитер), Жао му се заблагодари на Трамп и најави дека ќе продолжи да работи на тоа Соединетите Американски Држави да станат глобален центар за криптоиндустријата и технологиите на „веб 3.0“.
Одлуката на Трамп предизвика остри реакции од неговите политички противници. Конгресменката Елизабет Ворен ја нарече мерката „пример за корупција на највисоко ниво“, потсетувајќи дека Жао претходно лобирал за свое помилување и дека бил вклучен во развој на крипто-проекти поврзани со семејството Трамп.
Во ноември 2023 година, Жао пред федералниот суд во Сиетл призна вина по обвинението дека не презел мерки за спречување на перење пари преку платформата „Бинанс“. Со тоа беше постигнат договор со обвинителството, според кој тој поднесе оставка од функцијата извршен директор, а компанијата плати казна од 4,3 милијарди долари – една од највисоките во историјата на финансиските регулатори во САД.
Во април 2024 година, Жао беше осуден на четиримесечна затворска казна, но со денешната одлука на Трамп, сите преостанати законски последици од неговата пресуда се формално поништени.
Политичките аналитичари во САД веќе предупредуваат дека ваквиот потег може да се протолкува како сигнал за попустливост кон криптоиндустријата, која во последните години се соочува со засилени истраги и регулаторни притисоци.
Со ова помилување, Трамп испраќа порака дека неговата администрација ќе продолжи да го поддржува развојот на дигиталните финансии, иако критичарите тврдат дека тоа се случува по цена на транспарентноста и владеењето на правото.



