
Полскиот претседател Анджеј Дуда по секоја цена сакаше да биде првиот европски државник што ќе се сретне со новиот американски претседател Доналд Трамп. Двајцата имаа блиски односи од првиот мандат на Трамп (2017-2021), за време на кој Дуда имаше ексклузивен пристап до американскиот претседател. Дури и за време на изборната кампања во 2024 година, Дуда демонстративно го посети Трамп.
Трамп го држел својот полски гостин да чека час и половина во сабота, 22 февруари 2025 година, по што посвети помалку од десет минути на разговор. Средбата не се одржа во Белата куќа, туку на маргините на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) во близина на Вашингтон.
Телевизиските камери во живо пренесуваа снимки од Дуда како нетрпеливо го чека во ВИП салонот американскиот претседател. Потоа, полскиот претседател од првиот ред го поздрави говорот на Трамп во CPAC. Во таа прилика Трамп го нарече Дуда „фантастичен човек“ и го пофали за фактот дека за него гласале 84 отсто од Полјаците кои живеат во САД.
Но, разликата во однос на приемот што францускиот претседател Емануел Макрон го имаше во Белата куќа во понеделникот (24.02) е огромна. Гостинот од Париз беше пречекан со полни државни почести, пред камерите и новинарите во Овалната соба. Потоа се одржа заедничка прес-конференција.
„Тоа беше понижување и студен туш за полскиот претседател“, напиша Јацек Нижниевич во весникот „Жечпосполита“.
Трамп, тврди тој, го третирал Дуда како политичар кој ја напушта власта и повеќе нема влијание во својата земја.