Утрински Весник
Свет

Трамп денеска ќе и се обрати на политичката елита на форумот во Давос

Tramp24.jpg

Претседателот Доналд Трамп денеска преку видео врска ќе им се обрати на светските политички и бизнис лидери собрани во Давос на Светскиот економски форум, но не се знае што ќе нагласи во неговиот дијалог со светските лидери. Откако ја презеде улогата на шеф на Белата куќа, Трамп, посочува Ројтерс, веднаш се впушти во националната агенда.

Новиот претседател веднаш започна со сузбивање на илегалната имиграција, се зафати со проширување на домашното производство на енергија и се закани дека ќе воведе царини и други давачки за увозот од ЕУ, Кина, Мексико и Канада. Тој, исто така, ги повлече САД од Светската здравствена организација на ОН (СЗО) и Парискиот климатски договор.


Од почетокот на својата политичка кариера, Трамп беше жесток критичар на СЗО бидејќи, како што објасни, агенцијата на ОН не успеа да ги спроведе итно потребните реформи и покажа дека не е во состојба да биде независна од несоодветното политичко влијание на земјите-членки.

Тој ја обвини СЗО дека и помага на Кина да го прикрие потеклото на Ковид-19 и ширењето на пандемијата. Во првите денови од неговиот мандат, тој најави преименување на Мексиканскиот залив во Заливот на Америка и се закани дека ќе ја врати контролата врз Панамскиот канал.

Тој помилува повеќе од 1.500 негови поддржувачи осудени за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, а исто така започна да ја елиминира програмата „различност, правичност и инклузија“ (ДЕИ) во федералните институции. Тој го повика и приватниот сектор да го стори истото.

Агенцијата Франс прес пишува дека новиот американски претседател размислува и за распуштање на федералната агенција одговорна за природни катастрофи, која ја обвини за неспособност во времето на неговиот претходник Џо Бајден, критикувајќи ја реакцијата на катастрофалните пожари во Калифорнија и неодамнешните урагани во југоисточниот дел на САД.

Можете да прочитате

Невреме во Австралија: Повеќе од 25.000 домови се без струја

Соларната енергија во ЕУ првпат ги надмина количествата на струја од термоцентралите на јаглен

Туркиш ерлајнс ги обнови летовите за Сирија по 13 години пауза