Утрински Весник
Македонија

Трајковски: 20,9 милиони евра долг за пет локомотиви, прескапа авантура на Владата

Img 3788.jpeg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Универзитетскиот професор, Дејан Трајковски сподели со јавноста дека македонската Влада донесе одлука да се задолжи кај ЕБОР со 20,9 милиони евра за набавка на најмногу пет локомотиви со резервни делови. Според него, доколку навистина се набават пет локомотиви, просечната цена би изнесувала околу 4,18 милиони евра по локомотива, со вклучени резервни делови, што и да се подразбира под тој поим.

„Да ги погледнеме реалните пазарни цени. Најмоќните и најскапите електрични локомотиви на пазарот, од типот Vectron, наменети за дури три различни напонски системи (како што е вообичаено во големите европски земји), чинат до 4,065 милиони евра (2022) –https://www.railvolution.net/news/vectrons-for-mav-start . Локомотивите за два напонски системи чинат околу 3,49 милиони евра, а за еден напон – каков што се користи во Македонија – околу 3 милиони евра најскапите, и тоа за патнички возови“, информира професорот и додава:

„Товарните електрични локомотиви, какви што реално ни се потребни, се значително поевтини и се движат во распон од околу 0,8 до 1,5 милиони евра. Дополнително, кај нас практично веќе и не постојат патнички композиции со класични вагони што ги влечат локомотиви (останаа само кинеските и репарираните шпански гарнитури), па оттаму нема ни реална потреба од скапи патнички електрични локомотиви“, истакнува Трајковски.

Професорот оценува дека товарниот железнички сообраќај е драстично намален, при што со сегашните околу 858 илјади тони годишно, одвај има работа и за постојните локомотиви, а камоли за нови.

-Во такви услови, набавката на евтини половни локомотиви претставува најрационално и економски оправдано решение. Такви локомотиви можат да се најдат по многу ниски цени. На веб-сајтот http://www.sterlingrail.com/classifieds/Listings.php… се прикажани конкретни цени на половни дизел и електрични локомотиви. Добра електрична локомотива, стара до 30 години и со релативно мал број работни часови (до 10.000), може да се купи за најмногу 500.000 долари, односно околу 430.000 евра, нагласува Трајковски.

Тој е дециден дека со 20,9 милиони евра би можеле да се набават дури 40 вакви локомотиви, а не само пет. И тоа без воопшто да се зборува за најскапите и најмоќните (5 MW) локомотиви од класата Vectron или од Siemens, кои очигледно не се ни потребни за нашите услови.

„Како и во многу други случаи во оваа земја, прескапо плаќаме нешто што ниту ни е неопходно, ниту пак има шанса да ги врати вложените средства во текот на својот експлоатациски век. Така сме биле и така ќе останеме сиромашни, трупајќи непродуктивен долг за проекти без реална економска оправданост“, потенцира Трајковски.

Македонски железници ќе го обновуваат возниот парк. Европската банка за обнова и развој дала зелено светло за одобрување на кредит од 20,9 милиони евра, а предлогот за задолжување веќе е доставен во Собранието.

Ќе се набавуваат пет нови електрични локомотиви, а рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од 4 години.

Од претпријатието информираа и дека ќе бидат потребни и вагони, затоа што од вкупниот број на товарните вагони, кој изнесува 1.382 со важечка ревизија се 510 вагони. А освен 150-те нови вагони од серија S и E, структурата и видот на товарните вагони не одговара во целост на потребите за превоз по видови на стока.

Можете да прочитате

Ахмети се закани со „План Б“ – Ако излезам на улица, нема враќање

Исплатени 336 милиони денари субвенции за 1.211 сточари

Муцунски: Нема да примаме мигранти, ниту одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство