
Министрите за внатрешни работи и одбрана Панче Тошковски и Владо Мисајловски на покана на турскиот министер за национална одбрана на Република Турција, Јаваш Гулер учествуаат на Меѓународниот саем за одбранбена индустрија – ИДЕФ 2025 во Истанбул.
Саемот беше отворен со свечена церемонија на која се обрати претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, испраќајќи силна порака за значењето на одбранбената индустрија како двигател на стабилноста, безбедноста и соработката меѓу сојузниците.
ИДЕФ претставува значајна платформа за размена на идеи, технологии и воспоставување соработка со сериозни меѓународни партнери од одбранбениот и безбедносниот сектор.
„Во рамки на саемот се сретнав со претседателот на Турската агенција за одбранбена индустрија, Халук Ѓоргун, со кого и претходно имаме воспоставено конструктивна комуникација. Разговаравме за можностите за заеднички проекти и поддршка во процесот на модернизација на опремата и капацитетите што ги има нашата држава. Исто така, остваривме средба и со министерот Гулер, на која разговаравме за унапредување на билатералната соработка, заеднички вежби и размена на експертиза, со цел зајакнување на безбедносната стабилност и подготвеност. Турција е еден од најголемите и најдолгорочни пријатели на нашата држава. Како две сојузнички земји во НАТО, секогаш сме стоеле една до друга кога било најпотребно, во духот на солидарноста, стабилноста и заедничката безбедност.”, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски подвлече дека како држава, мораме да инвестираме во современи решенија и сојузништва што ја гарантираат нашата безбедност и ја унапредуваат позицијата на Македонија како кредибилен партнер во регионалните и глобалните безбедносни процеси.