
„Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на вонредна прес-конференција вечерва соопшти дека пожарот што попладнево избувна во скопската населба Трубарево сè уште е активен, но е локализиран и нема опасност од негово ширење.
– Радиационо зрачење нема. Во непосредна близина на пожарот е присутна висока загаденост со штетни супстанци, но на 400 метри од жариштето не е евидентирано загадување. Препорачуваме на жителите кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. За таа цел, отворени се сместувачки капацитети во Центарот за обука во близина на местото на настанот, изјави министерот.
Тошковски појасни дека за гаснење на пожарот бил користен ситен песок, а на терен активно работат повеќе служби со цел целосно совладување на огнената стихија.
Дополнително, министерот откри дека три лица – сопственици и управители на компанијата „Ф-Групација“, во чиј објект за електронски отпад избувна пожарот, се повикани на информативен разговор во полициска станица.
– Овој тип на пожари не е изолиран случај кај нас. Слични случаи се регистрирани во Литванија, Белгија и Велика Британија. Тоа укажува дека проблемот е глобален и бара стандардизиран пристап за управување со ваков вид отпад, потенцираше Тошковски.“