Утрински Весник
Македонија

Тошковски: „Безбеден град“ во целата држава во 2026

Pance Toskovski.jpg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека системот „Безбеден град“ се очекува да биде имплементиран на целата територија на државата до јуни–јули идната година, а до крајот на 2026 година и во секој град како паметен систем. Тој истакна дека целта е следење на европската стратегија „нула жртви“, односно до 2050 година да нема човечки жртви како последица од непочитување на сообраќајните правила. Министерот потсети дека тест-периодот за регистрирање сообраќајни прекршоци преку „Безбеден град“ трае до 1 февруари идната година и посочи дека првичните резултати покажуваат поодговорно однесување на возачите.

„И многу ми е мило што бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди и генерално бројот на сообраќајни несреќи, таму кадешто овој проект го имлементираме, се намалува. Тоа е многу битно. Прва и најголема цел, јас би рекол и последна цел на имплементацијата на овој систем, е спасување барем еден човечки живот повеќе од претходно“, истакна Тошковски.

Тој нагласи дека никој нема да биде изземен од системот, освен полициските возила при интервенции, итната медицинска помош и противпожарните единици, споделувајќи и личен пример кога добил опомена за сообраќаен прекршок. Во одговор на новинарско прашање за повторното отворање на средното полициско училиште по 25 години, Тошковски изрази благодарност до Собранието за поддршката на законот кој, како што рече, овозможува враќање на професионалниот полицаец во образовниот систем.

„Со овој закон овозможуваме враќање на категоријата професионален полицаец којшто по завршување на средно образование ќе може да одговори дека е полицаец со завршено средно полициско училиште“, рече министерот.

Тој најави дека првата генерација ученици се очекува за околу две и пол години и ги повика сите заинтересирани ученици од втора година да размислат за запишување во средното полициско училиште од 1 септември идната година. Во однос на бројот на полициски службеници, Тошковски оцени дека државата има доволен кадар, но дека проблемот со невидливоста на полицијата е резултат на долгогодишно нефункционално менаџирање. Поради тоа, како што најави, се работи на нова систематизација во МВР, која треба да стапи на сила од мај 2026 година. Министерот најави и поголема видливост на полицијата на терен, преку униформирање на поголем број служби, со цел зајакнување на безбедноста и довербата кај граѓаните.

Можете да прочитате

МОН: Младите во Македонија не ја менуваат перцепцијата за тутунот

Филков: Кадровското зајакнување клучно за дигитализација и ефикасно правосудство

Кривична пријава за лихварство против двајца кавадарчани