Министерството за надворешни работи на Катар синоќа соопшти дека во Појасот Газа пристигнале лекови и друга помош од таа земја и Франција.
„Во последните неколку часа лекови и помош влегоа во Појасот Газа“, напиша Мајед ал Ансари, портпарол на катарското министерство на платформата „Икс“.
ој нагласи дека станува збор за имплементација на договорот со посредство на Катар, објавен ден претходно, а кој ќе им помогне на цивилите во Газа, но и на заложниците кои ги држи Хамас. Катар објави дека во два авиона пристигнала 61 тони хуманитарна помош.
Помошта вчера од Франција и Катар пристигна во египетскиот крајбрежен град Ал-Ариш, а потоа ја мина контролата на граничниот премин Керем Шал со Израел и конечно од Египет беше префрлена во Газа, пишува агенцијата „ДПА“.
„Ал Џезира’ ги пренесува тврдењата на француското Министерство за надворешни работи дека помошта ќе стигне до израелските заложници држени во Газа, а оние со хронични болести ќе имаат лекови за тримесечно лекување. Израел објави дека една третина од преостанатите 132 заложници страдаат од хронични болести.
Муса Абу Марзук, еден од политичките лидери на Хамас, на социјалните мрежи објави неколку услови на милитантното движење за да се согласи на договор со посредство на Катар.
Хамас побара илјада кутии со лекови за палестинските цивили за секоја кутија со лекови наменети за заложниците, пренесува „ДПА“. Хамас побара и помошта да не ја проверува израелската војска.