
Ивица Томовски,директорот на службата за општи и заеднички работи на Владата нахави тужба за клевета против СДСМ. Тој на својот фејсбук профил потенцираше дека не е сопственик, не приходува и нема никаква директна врска со споменатата компанија.
– Досега не чув каков криминал сум направил, ниту пак видов докази за тоа. Во тоа нивно растурање пердуви, вчера жигосаа уште една домашна компанија која не е моја, а денес јавно го објавија мојот телефонски број – број кој е познат на сите кои ме познаваат, кој го имам со години и кој е единствениот број што го поседувам, доделен пред многу години од мојот татко. На истиот тој број можеа да се јават и да се извинат, но тие одбраа да одиме по судски пат. Затоа уште еднаш повторувам: ќе одговараат, и следува тужба. „Јака“ работа завршил антикорупцискиот тим на СДС – го нашле мојот број што сите го знаат и е на мое име, пишува во фејсбук објавата на Томовски.
Во однос на тендерите, Томовски вели дека не гледа криминал во тоа што фирма која не е негова учествува и победува на тендер.
– Од оваа партија два дена повторуваат: „не се извинуваме на криминалци“. Да бидам искрен, знаејќи од каде доаѓа сето ова, и од стравот и фрустрираноста на ваквите „тастатура-политичари“, не ни очекував извинување. Затоа што, за да го направат тоа, е потребно образ, храброст и морален дигнитет – нешто што одамна е докажано дека го нема ниту Заев, ниту неговиот најдобар ученик со најлоши навики – Венко Филипче. Затоа што, ако имаа барем дел од тоа, прв Филипче ќе се извинеше за Заев, кој од Дубаи, освен што командува партија и бизниси, пишува и соопштенија. Едниот објавуваше „бомби“ – разговори. Другиов, наследникот, објавува пуфки и прскалки што треба да разнесат пердуви, по што човек тешко може да се објасни. Тоа е облакот во кој јавноста треба да поверува дека „сите се исти“, дури и тогаш кога разликата е над двесте илјади гласови – колку што беше разликата со која загубија на последните избори, доказ дека се маргинализирана и од народот заборавена партија, напиша Томовски на Фејсбук.


