Утрински Весник
Македонија

Томас Вајц под закани поради извештајот за Македонија

Img 2439.jpeg

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, изјави дека е изложен на координирана кампања на оцрнување и добива сериозни закани, вклучително и смртни, поради неговата улога во подготовката на извештајот за напредокот на Северна Македонија, кој беше изгласан минатата недела во Европскиот парламент.

Во интервју за Канал 5, Вајц вели дека е задоволен од содржината и пораките во извештајот, но изрази загриженост од нападите и реакциите што ги добил, особено од бугарски националистички кругови.


„Да, бев под силен напад, тоа беше цела кампања на оцрнување против мене. Ме нарекуваа пристрасен, ме обвинуваа дека сум имал повеќе контакти со Македонија отколку со Бугарија, па дури и дека сум корумпиран“, вели Вајц.

Најтревожно, според него, е тоа што неговиот приватен телефонски број бил споделуван во екстремно десничарски групи на Телеграм, што довело до директни закани по неговиот живот.

„Добив смртни закани и други закани. Ова продолжува и по гласањето. За жал, ситуацијата ескалираше во Бугарија“, нагласува Вајц.

Извештајот за напредокот на Македонија доби позитивни оценки во Брисел и беше поздравен од институциите на Европската унија. Но, тој предизвика политички тензии, особено меѓу оние кои сметаат дека Вајц зазел про-македонска позиција на штета на бугарските интереси.

Ова не е првпат европратеници да се соочат со притисоци поради ангажманот околу Западен Балкан, но интензитетот на нападите врз Вајц, како што оценуваат и некои европски функционери, претставува сериозна закана за демократската дебата и работата на европските институции.

Можете да прочитате

Томас Вајц под закани поради извештајот за Македонија

За 14 години, Македонија изгубила 11,4 отсто од населението, тврди Евростат

ВРЕДИ: ДУИ 20 години ја користи коцката како банкомат