Утрински Весник
Македонија

Тодор продавал карти, но немал право да легитимира или контролира влез вели одбраната

Whatsapp image 2025 12 02 at 13.00.51.jpeg

„Точно е дека продавал карти, но тој немал никаква надлежност да врши проверка на влезот и излезот, а посебно не знам од каде ОЈО смета дека е надлежен да легитимира“, изјави бранителот на Тодор Јованов, брат на првообвинетиот Дејан Јованов. Со овие зборови одбраната остро ги поби наводите на обвинителството, потенцирајќи дека Тодор никако не можел да биде третиран како „одговорно лице“ во работата на клубот „Пулс“.

Според адвокатот, улогата на Тодор била строго ограничена на билетарницата и се состоела исклучиво во продажба на влезници, без овластување да контролира кој влегува во објектот, да проверува документи или да води сметка за бројот на посетители. „Тој ниту ги регулирал влезовите, ниту бил во можност да носи какви било безбедносни одлуки. Таквите обврски не биле во негов опис на работа,“ нагласи адвокатот, додавајќи дека доставиле докази и предложиле сведоци кои ќе го потврдат тоа.

Одбраната укажа и на, како што рече, сериозна нелогичност во обвинителниот акт. „На страна 9, Тодор е ставен во ист контекст со сопственикот на објектот во однос на техничките прописи. Навистина не можам да сфатам како обвинителството го изедначило неговото својство со својството на лице кое раководи со објектот. Во овој дел едноставно не можам ниту воведен збор да дадам,“ истакна бранителот, алудирајќи дека станува збор за техничка или фактичка грешка во обвинението.

Спротивно на тврдењата на одбраната, Обвинителството смета дека Тодор Јованов имал поголема улога од онаа што ја прикажува неговата одбрана. Во обвинителниот акт се наведува дека, иако формално бил задолжен за продажба на влезници, Тодор во договор со брат му дозволувал влегување на поголем број посетители од дозволениот капацитет и овозможувал влез на малолетници, со што го зголемил ризикот во објектот.

Со ставовите на двете страни, судењето за трагедијата во „Пулс“ продолжува со остри спротивставувања околу тоа кој навистина имал обврска да спречи преполнување, како се контролирал влезот и дали улогата на Тодор Јованов била ограничена или далеку поголема отколку што тврди неговата одбрана.

Можете да прочитате

Мицкоски: Ја подржувам идејата за проширување на „Безбеден град” во други градови

Халата за лесна индустрија станала клуб без знаење на сопственикот, тврди одбраната

Велковски: Ќе се градат типски куќи за бездомниците во Скопје