Потпретседателката на Странка за слобода и правда (ССП) Мариника Тепиќ на прес-конференција на опозицијата во српското Собрание по повод извештајот на ОДИХР за изборите изјави дека со него се става крај на потврдата дека изборите во Србија на 17 декември се украдени, јави дописникот на МИА од Белград. -Во извештајот е децидно евидентирано сето она што го посочивме, а тоа е организираната миграција и превозот на гласачи за гласање, лажен избирачки список, доминација на претседателот на Републиката, фаворизирање на властите кај медиумите со национална фреквенција, купување гласачи, гласање без лични документи, огромен притисок врз вработените во јавниот сектор. За секојдневните нееднакви услови во медиумите да не зборувам, рече Мариника Тепиќ. Таа изјави дека премиерката Ана Брнабиќ на прес конференцијата за извештајот на ОДИХР се обидела „ да ја подметне претставата -„Царот Трајан има козји уши“. -Сите знаат што се случило, сите мисии запишаа што се случило – а тоа е изборна кражба, но никој не смее тоа да му каже на кралот кој е гол, изјави таа. Потпретседателката на ССП подвлече дека ОДИХР е експертска, а не политичка мисија и дека користат бирократски јазик, различен од оној што важи во политичкиот дискурс. -Кога некој ќе ви каже дека изборите се одржаа во нееднакви услови, во услови во кои се фаворизираше еден човек, една партија, во атмосфера на поларизација, говор на омраза, навреда на политички противници и новинари – тоа се нарекува нееднакво, неслободни, недемократски избори. Кога некој ќе открие дека купувате гласови – корупција, поткуп, давање пари за да за возврат дадете глас – тоа е кражба. Кога некој ќе ти документира дека избирачкиот список е проблематичен, тоа укажува да институциите не си ја вршат работата, како и обвинителството, полицијата и сите органи. Со овој извештај се става крај на се што укажувавме и се потврди дека во Србија се случила изборна кражба, посочи таа. Секој што ќе го прочита извештајот ќе разбере, изгледа не разбираат само Ана Брнабиќ и Александар Вучиќ, додаде Мариника Тепиќ.