Утрински Весник
Македонија

Тендерот за Универзална сала поништен – нов оглас следната недела, реконструкцијата се одложува до јануари

Univerzalna sala2.jpg

Тендерот за избор на изведувач за реконструкцијата на Универзална сала не поминал и идната недела ќе биде повторно објавен. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, информираше дека процесот ќе се одолговлечи за најмалку два месеца, што значи дека нов изведувач се очекува дури до средината на јануари.

„За жал, добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина, бидејќи имаше жалба во однос на единствениот изведувач кој се пријави. Според мене, проблемот не е суштински, но постапката мора да се почитува. Наредната недела повторно ќе го повториме тендерот“, изјави Љутков за време на посетата на Театар Комедија.

Запрашан дали Скопје ќе добие нова Универзална сала до 2028 година, кога градот ќе биде европска престолнина на културата, министерот потврди дека одложувањето е неизбежно, но увери дека вториот тендер ќе трае пократко.

„Сега процедурата ќе оди побрзо, бидејќи фазата на подготовка на тендерот веќе беше завршена и за неа нема забелешки. Откако ќе истечат десетте дена потребни по известувањето, веднаш ќе го распишеме тендерот. Се надевам дека до средината на јануари ќе го имаме избрано новиот изведувач“, додаде Љутков.

Министерството на 18 октомври соопшти дека постапката за избор на изведувач веќе била завршена и дека била донесена Одлука за избор на најповолен понудувач за проектот „Изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи и ентериер на објект Универзална сала во Скопје – по принцип Клуч на рака“. Но поради жалба, целата постапка мора да се повтори.

Повеќе детали за новиот оглас ќе бидат објавени во следните денови.

Можете да прочитате

Пожар во фирма од Скопје – сопственикот заврши во болница поради чад

Ќе врне со денови – Подгответе се за многу дожд и пад на температурите

Си ја укинала старата функција и си отворила нова – Директорка од Битола сама си се унапредила, сега ќе одговара пред законот