
По децении на чекање и неколку неуспешни обиди за обнова, Универзалната сала во Скопје конечно се движи кон реконструкција. До крајот на оваа недела ќе биде распишан тендер за изведувач, а градежните работи се очекува да започнат кон крајот на септември, информираше министерот за култура и туризам Зоран Љутков на средба со новинари.
„До крајот на неделата ќе распишеме јавна набавка. Целиот тендерски процес трае околу 60 дена, а според нашата динамика и предвидените средства, реконструкцијата би требало да заврши до крајот на 2027 година,“ изјави Љутков.
Во буџетот се предвидени околу 20 милиони евра, распределени во следните три години. Објектот ќе остане во сопственост на Град Скопје, додека Министерството за култура и туризам ќе биде инвеститор на проектот. Целта е Универзалната сала да биде подготвена за големи културни настани во рамки на иницијативата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Министерот потсети дека неговата институција не е водечка во проектот „Скопје 2028“, но активно притискала да се формира координативното тело што ќе го води целиот процес. Телото, со 13 членови – од кои 10 се предложени од Град Скопје, а тројца од Министерството – веќе одржало неколку состаноци.
„Сакаме Скопје да не ја загуби титулата. До јануари сѐ беше блокирано. Не е моја надлежност, но постојано комуницирав со градоначалничката и инициравме да се формира телото,“ нагласи Љутков.
Покрај реконструкцијата на Универзална сала, Министерството веќе работи на изградба на седум мултифункционални објекти низ Скопје, кои ќе понудат дополнителен простор за културни активности. Иако овие објекти не се дел од официјалната програма на „Скопје 2028“, тие се планирани како поддршка за реализацијата на проектот.
Љутков потврди дека Градот Скопје е должен да инвестира 25 милиони евра, но сè уште не постои потпишан договор кој ја дефинира конкретната сума што Министерството за култура би ја вложило.
„Проектот го води Град Скопје. Ние сме поддржувачи, но не и носители. За конкретни детали, јавноста треба да добие информации токму од нив,“ заклучи министерот.
Со обнова на Универзалната сала и создавање нови културни простори, Скопје се надева дека ќе го задржи статусот на Европска престолнина на културата и ќе ја зајакне својата позиција на културната мапа на Европа.