
Кога во 2019 година Владата и концесионерот ТАВ Аеродроми објавија дека ќе вложат милиони евра во проширување и модернизација на аеродромите во Скопје и Охрид, тоа звучеше како почеток на нова ера во македонската авијација. Со четири пати зголемен број патници и амбициозни планови за инфраструктура, јавноста очекуваше брза и видлива трансформација.
Но, шест години подоцна, реалноста изгледа поинаку. Голем дел од најавените проекти или се на хартија, или не се во фаза на разгледување.
Средствата на ТАВ, првично наменети за карго аеродром во Штип, беа пренаменети за инфраструктурни проекти низ државата. Од 95 планирани, според официјалните податоци, завршени се околу 70, а остануваат уште 23 – некои од нив заглавени со години.
Во јули 2021 година беше најавен инвестиционен пакет од 14,7 милиони евра за двата аеродроми. Денес, Охридскиот аеродром доби намалена сума и нова најава за модернизација, додека Скопскиот аеродром едноставно исчезна од плановите.
Во февруари 2025, вицепремиерот Александар Николовски најави целосна реконструкција на терминалот во Охрид, со нова административна зграда, канцелариски простор, помошни простории и адаптација на постојниот објект. Рокот – март 2026. Но, тоа е првпат аеродромот да се реконструира од својата изградба, и прашањето е зошто ова не се случи порано, особено со оглед на долгогодишните најави.
Во исто време, Скопскиот аеродром, главната воздушна порта на земјата, целосно е изоставен од разговорот. Наместо тоа, Николовски во февруари 2025 објави друг голем проект – реконструкција на Воената болница за 12 милиони евра – што го потиснува приоритетот за аеродромската инфраструктура.
Проблемот е јасен: од 2019 година па наваму, јавноста слуша за големи планови, но гледа малку конкретни резултати. Моделот е ист – се најавува, се пролонгира, па повторно се најавува, често со нов рок и изменета сума.
Додека политичарите ги користат проектите за предизборни промоции, патниците, туристичката индустрија и економијата остануваат со иста инфраструктура и истите предизвици како пред повеќе од една деценија.
Со ова темпо, Македонија ризикува да ги изгуби конкурентските предности во регионот, а ТАВ проектите да останат пример за тоа како ветувањата можат да траат подолго од реализацијата.
Што велат од ТАВ?
Од ТАВ Македонија пак, во одговор на нашето прашање, велат дека се завршени сите финансирани проекти.
„Предвидените 95 инфраструктурни проекти што се реализираа во општините низ државата, се целосно завршени од страна на ТАВ Македонија. Во однос на проектот за обнова и проширување на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, истиот е во финална административна фаза“ се наведува во одговорот од ТАВ.