Утрински Весник
Македонија

Таткото на Вања: Веднаш знаевме дека не е исчезната самоволно

Vrhoven Pritvor Odbiena Zhalba Tatkoto Na Vanja 960x711 1.jpg

Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање при грабнување на сопствената ќерка Вања, денеска сведочеше пред Кривичниот суд и настапи со одбрана базирана на ставот дека уште од првиот момент верувал оти станува збор за киднапирање.

Во својот исказ, тој тврдеше дека веднаш наутро, на денот на исчезнувањето, заедно со партнерката Зорица заклучиле дека нешто не е во ред.
„Моментите на нејзиното исклучување на телефон, нагло скршнување од рутата до училиште, наведуваа на тоа дека не е по своја волја отидена во погрешен правец. Тоа со Зорица го констатиравме уште во 07:47 часот сабајлето“, рече Ѓорчевски.


Тој појасни дека веднаш алармирале пријатели и објавиле информации на социјалните мрежи, надевајќи се на брзо пронаоѓање на ќерката.

Ѓорчевски истакна и дека од самиот почеток побарал да биде тестиран на полиграф, со цел, како што рече, „децидно да се покаже дека ја говорам вистината“. Според него, Обвинителството ја одбило таа иницијатива со образложение дека во таа фаза од постапката не е дозволен полиграф.

„Јас уште на првиот исказ побарав полиграф. Ми рековте дека тогаш не е дозволено. Но тој уред децидно ќе покаже дали ја говорам вистината“, рече тој, обраќајќи ѝ се на обвинителката во судницата.

Обвинетиот го бранеше и своето движење на денот на исчезнувањето – особено зошто со возилото се упатил кон Блаце и зошто потоа се вратил назад, тврдејќи дека полицијата уште од почетокот го третирала како осомничен наместо да се фокусира на потрагата по Вања.

„Тие не испрашуваа колку недвижности имаме, колку возила. Од самиот почеток почувствував дека се сомневаат во мене“, рече тој, упатувајќи сериозни критики кон начинот на кој МВР ја водело истрагата.

Тој детално зборуваше и за контактите со Гоце Трајковски – пријател со кој повторно се сретнал по 23 години. Според неговите зборови, преку него се обидувал да дојде до информации за исчезнатата ќерка, дури и преку врски во полицијата и системот „Безбеден град“.

„Во моментот кога се појави Гоце, немав поим за неговите контакти. Но многу брзо почнав да добивам информации, па така заклучив дека има пријатели и во полицијата и во ‘Сејфт Сити’“, изјави Ѓорчевски, додавајќи дека за некои имиња бил замолен да не ги открива.

На крајот од неговото сведочење, обвинителката го посочи фактот дека голем дел од неговите тврдења ги изнесува за првпат пред судот, а не за време на истрагата.

Можете да прочитате

АА со свои кандидати на локалните избори – Таравари го отфрли ултиматумот од Вреди

За Велигден уживајте во сончевото време, со рано летни температури на воздухот!

Коцевски: Во последните 10 години не е извршен надзор во ниту едно кабаре во цела држава