Утрински Весник
Македонија

Тасевски: ССКЛ има право и овластување да организира штрајк

20251022130702 big 730x400 41.webp.webp
Dik 300x250 mk

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) има право да организира штрајк и за тоа има овластувања од гранковиот синдикат, а постапката за организирање на штрајкот најавен за 20. месецов што беше забранет со судско решение на барање на раководството на М-НАВ, е спроведена како што треба, за што има и соодветна документација, изјави денеска Александар Тасевски, претседател на М-НАВ.

Тасевски ги оцени како паушални тврдењата што претходно денеска ги изнесе правниот застапник на М-НАВ Горан Николоски дека се издржани и законски аргументите со кои Основниот граѓански суд го забрани штрајкот што го најави овој синдикат на 20. месецов.


Николоски рече дека „Судот правилно утврдил оти известувањето за штрајк не содржи барање за заштита на права од работен однос, дека не е спроведена постапка за заштита од работен однос и оти ССКЛ како подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски нема правен легитимитет да организира, реализира и спроведува штрајкови“.

– Според законот се предвидува дека кој било синдикат вертикално, дали е тоа синдикат на работодавачи, синдикат на гранка или сојузот на синдикати има право да организира штрајк. Од тој аспект и ние имаме комплетно право. Во спротивно ниту еден синдикат во државава нема да може да повика на штрајк бидејќи со Законот за работни односи од 2014 година на сите синдикати им го земаа правниот легитимитет и ставија обврска да мора да бидеме дел од некоја гранка за да постоиме. Тоа го направија уште тогаш тенденциозно за да можат да влијаат врз работењето на синдикалните организации на ниво на работодавач, рече Тасевски, посочувајќи дека ССКЛ има овластување од гранката за преговори за колективи договори, застапување на вработените и организирање штрајкови. И директорите на М-НАВ, потенцираше, во комуникацијата се обраќаат на ССКЛ.

За тврдењето на адвокатот Николоски дека во известувањето за штрајкот не се наведени барања и оти го организира од лични интереси, упати на претходно споделените документи за сите случувања околу штрајкот којшто овој Синдикат првпат го најави во 2023 година кога и беше потпишана Спогодба со којашто се стави во мирување, но поради неисполнување на точките повторно беше најавуван во неколку наврати.

Во дел од известувањето за последниот најавен штрајк на 20. октомври Тасевски рече дека пишува оти се бара спроведување на сите преостанати точките од Спогодбата. Тие, вели, многу добро знаат што е спроведено а што не. Од сите девет точки, три се реализирани, а шест не, рече Тасевски.

Прашан дали ако повторно одат на штрајк во следното известување ќе бидат наведени барањата за заштита од работен однос и постапката за помирување, Тасевски рече дека не може да ги наведе затоа што во тој случај ќе треба да почне нова.

– Не можам да почнам постапка што е веќе констатирана од помирувач од листа на помирувачи од Министерството за труд и социјална политика, рече Тасевски, посочувајќи дека директорите можат да ги најдат сите документи.

Претседателот на ССКЛ како аргумент на запазената постапка за штрајкот наведе и дека по упадот во М-НАВ во јануари 2024 година кога беше наложено да се провери работењето на Контролата на летање Трудовиот инспекторат тогаш извршил увид и во ССКЛ и, како што рече, констатирал дека постапката е целосно запазена и оти нема никакви правни пречки.

ССКЛ бара почитување на Спогодбата потпишана по најавата за штрајк во 2023 година и состанокот во Министерството за транспорт од 12 октомври. Клучни барања на ССКЛ се ангажирање консултантска фирма којашто професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието, вработување на стручни, а не, како што тврдат, партиски кадри на конкурсите за кои бараа поништување, како и подобри услови за работа.

Минатата недела ССКЛМ најави дека ќе ја обжали одлуката на Граѓанскиот суд со времена мерка за забрана на штрајкот, што овој Синдикат требаше да го реализира завчера, како и дека ќе побараат предметот повторно да биде вратен на рочиште за да ја изложат својата одбрана.

Можете да прочитате

Пановски предупредува: Ако не се исчисти ѓубрето, Скопје го чека наезда од 10.000 стаорци

Николоски и Димитриеска Кочоска на средба со Тим Рид: Потврдено стратешкото партнерство

Шок во Капиштец: 10-годишно дете каснато од глушец на игралиште поради ѓубрето во градот