
Претседателот на синдикалната организација на Македонската навигација Александар Тасевски во интерву за 24инфо.мк зборуваше за повеќе актуелни теми во претпријатието.
Во првиот дел од интервјуто, Тасевски зборува за последните огласи за вработување, најавата за штрајк, но и за идните чекори што синдикатот би ги презел.
Осврнувајќи се на огласите за вработување, Тасевски вели дека добар дел од нив биле наменети исклучиво за вработување на партиски подобни лица.
„Во М-Нав се случува хаос, се вработува се и сешто, кадар што не ни е потребен а при тоа е и без квалитет, тоа се вработувања без запазување на прописи, протоколи, колективни договори…и на крајот излезе дека оние кои се наводно најквалитетни кандидати, се впрочем партиски кадар. Првиот конкурс за вработување не беше целосно затворен поради тие кои немаа целосна документација, за потоа да го отворат тој оглас број три каде што се бараа тие три дополнителни работни места и на крајот личностите коие се вработени преку огласот број три се токму оние кои во огласот број еден немале целосна документација “ вели Тасевски.
Тој додава дека за овој случај била известена и Трудовата инспекција која веќе во два наврати дошла во М-Нав, но засега нема никаков епилог од проверката.
Следни чекори, откако ќе помине процесот на функционална анализа
Говорејќи за следните чекори на Синдикатот, Тасевски вели дека за тоа ќе се одлучува откако ќе помине функционалната анализа за работата на претпријатието, што било договорено со Владата, за да не се активира штрајкот.
„Ни ветија дека ќе ангажираат компанија која треба да направи фунцкионална анализа за работењето, односно којашто треба да покаже колку вработени треба да имаме и во кои служби тие треба да бидат. Тоа значи дека треба да се соочиме со директорите кои добиваат задача од владата кои лица да ги вработат и она што се реални потреби од кадар на М-Нав, односно она што владата како вработувања го бара од нив, не соодведствува со професионализмот“ вели тој.
На забелешка, дали директорите на М-Нав во целата ситуација се само марионети, односно кукли, Тасевски одговара, „Кукли за мене се нешто убаво, овие не се ни убави“
Малку стручен кадар – многу „манекени“
Очигледно е, вели Тасевски, дека вработувања низ годините наназад, доведоа до крах на системот од аспект на тоа дека има се помалку професионалци што си ја работат работата.
„Дел од старите професионалци си одат во пензија или ја напуштаат фирмата за да одат некаде надвор. Она што се вработува како нов кадар не е она што соодведствува и ни треба како кадар, немаме инженери, немаме контролори на летање и се она што треба да се заврши е оставено на мал број на луѓе кои не можат да постигнат, а оние кои се поголем дел во компанијата, тие не можат да завршат ништо, не зависи ништо од ни и се буквално манекени кои само доаѓаат на работа и не прават ништо“ вели Тасевски.
Заканите се составен дел од мојата работа
Одговарајќи на прашање дали имал одреден вид закани и притисоци, Тасевски вели дека тоа горе – долу бил составен дел од неговото дејствување.
„Сум имал различни видови на закани и притисоци, од штети на автомобилот, до аномимни повици да сум бил „внимателен за семејството“ па дури и гребење со нож на влезната врата“ вели тој, додавајќи дека ништо нема да го спречи да се бори за подобри услови за работа на вработените во М-Нав.
Во вториот дел од интервјуто, ќе го објавиме понатамошниот разговор со Тасевски каде тој говори за тоа како се станува контролор на летање, каква е споредбата со регионот и каде сме во поглед на ресурсите што Македонија ги има во воздухопловството.