
Министерот за здравство од Коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, изјави дека неговата партија е подготвена да разговара за сите заостанати прашања од минатото, вклучувајќи ја и темата за промена на државниот грб.
Во одговор на новинарско прашање, Таравари нагласи дека Македонија е една од ретките постсоцијалистички земји чиј грб не бил променет и истакна дека ВРЕДИ ќе иницира дебати за пакет мерки со кои ќе се решат повеќе нерешени прашања од последните 20-30 години.
„ВРЕДИ е подготвен да разговара за сè. За жал, во минатиот период многу осетливи теми беа ставени под тепих. Ние сме подготвени да отвориме дискусија за пакет мерки што ќе ги опфатат сите нерешени прашања – зошто да не бидат тука и грбот, химната, 20 отсто и други етнички теми, ако постојат, и конечно да се фокусираме на економијата, евроинтеграцијата, антикорупцијата. Граѓаните ги интересираат подобри плати и подобар живот“, изјави Таравари.
Во однос на можните промени на државниот грб, министерот нагласи дека засега партијата ВРЕДИ нема конкретен став и дека оваа тема ќе биде предмет на дискусија во иднина.