Министерот за здравство Арбен Таравари очекува целиот процес со поставувањето на компресорската станица на Клинички центар да биде завршен за четири месеци.
„Фирмата е сериозна компанија и професионална за оваа работа. Според нив за околу четири месеци, целиот зафат ќе биде завршен“, рече Таравари денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Избрана е фирмата што за четири месеци треба да ја инсталира новата компресорска станица на Клинички, велат од МЗ.
Таравари додаде дека процесот за избор на фирмата се спроведувал по брза постапка, а околу постапката за потпишување на договорот и периодот на жалба рече дека не очекува некој да се жали.
„Не знам дали би се жалел некој што не се пријавил на три повици. И ако се жалат, мислам дека тоа не е добронамерно“, додаде Таравари.
Прашан околу изборот на лице-менаџер кое би раководело по спојувањето на универзитетските клиники и можноста тоа да биде докторот Игор Николов, Таравари рече дека тој не го споменал како избор и дека било рано за назначување на директор.
„Јас не го кажав, ме прашаа дали може да биде еден од кандидатите, но може да има и други кандидати. Ние сè уште сме во процес на реорганизација, тоа ни е поважно, отколку тоа кој ќе биде директор. Кога ќе дојде време за директор, тогаш ќе зборуваме за тоа“, вели Таравари.
Околу потпорниот ѕид зад Детската клиника, кој пред неколку месеци падна и се уште стои непоправен, Таравари рече дека во тек е процедура за утврдување на надлежноста и додаде дека Министерството за здравство е подготвено да го санира и да изгради нов ѕид.
МЗ ќе ја санира оградата на потпорниот ѕид зад Детската клиника, а потоа следува решавање на подземните води, велат од ЦУК