
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека нема лекарски пропуст за смртта на близначињата во Прилепската болница во јануари годинава.
-Нема стручна грешка, да имаше веднаш ќе бевте известени и ќе се преземеа чекори за дисциплински мерки. Меѓутоа и ДСЗИ и стручната комисија што беше од Министерството за здравство, констатира дека нема лекарски пропуст, рече Таравари по посетата на болницата во Прилел,
Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 22 јануари соопшти дека ќе издаде решение со наредба за спроведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на новороденчињата-близначиња кои починаа на 16 јануари, стои во наодот на Инспекторатот кој по случајот изврши вонреден инспекциски надзор во прилепската болница, конкретно во Гинеколошко-акушерското и во неонатолошкото одделение во случајот со починатите новороденчиња.
Инспекторатот констатирал дека кога на 10 јануари мајката со потпис, на свое барање заминала од болницата со новороденчињата предвреме родени на 30 декември и со мала тежина, болницата не го известила Центарот за социјални работи.
-Во врска со исписот од установата, од страна на докоторите од неонатолошкото одделение добиен е податок дека мајката инсистирала на испис на новородените и покрај нивното убедување дека треба да останат во установата се нивно целосно адаптирање. И покрај тоа новородените на барање на мајката и со нејзин потпис, испишани се од установата со препорака за доење, витамин Д3 и контрола кај педијатар поради мала тежина. Од страна на установата, во врска со предвремениот испис на новородените, не е доставено известување до надлежниот Центар за социјални работи, се вели во извештајот на ДСЗИ од 22 јануари.
Бебињата близначиња се родија на 30 декември предвреме, во 34-та гестациска недела со мала тежина, под 2 килограми. На своја рака со потпис мајката на 10 јануари си заминала дома со бебињата. На 16 јануари при тешка здравствена состојба на бебињата, семејството од својот дом во селото Славеј повикало Итна помош. Била констатирана смртта на машкото бебе, а женското починало во прилепската болница.