
Министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари, во интервју за „360 степени“ истакна дека проблемите во Владата не се поврзани толку со премиерот Христијан Мицкоски, колку со самата коалиција.
Тој посочи дека неговите ставови не се само лично мислење, туку се потврдени преку анкети спроведени меѓу Албанците во земјава. Според него, ВЛЕН функционира бавно и е неопходна подобра координација.
„Имаме сериозни недостатоци. Проблемот не е во премиерот, туку во нас. Постојат очигледни несогласувања и коалицијата функционира премногу споро. Народот, а тоа е најзагрижувачки, перцепира дека ВЛЕН има слаба позиција во Владата. Според анкети спроведени кај Албанците, околу 70% сметаат дека коалицијата не работи како што треба и не ги претставува на задоволително ниво“, изјави министерот Арбен Таравари.
Таравари нагласи дека не се работи за квантитетот на албанските претставници во Владата, туку за нивниот квалитет.
„Ако гледаме бројки – министри, директори – претставеноста е солидна. Но, квалитативно, тоа не е на ниво и функционирањето не е како што треба. Ова не е само мое мислење, туку став на мнозинството Албанци,“ додаде тој.
Овие негови ставови доаѓаат во период на сè погласни шпекулации дека тој е на чекор до напуштање на ВЛЕН и приближување кон ДУИ. Првиот голем тест за коалицијата ќе бидат локалните избори, за кои ВЛЕН сè уште не може да се договори дали ќе настапи со заеднички листи.
Таравари потсети дека уште минатата година се зборувало за трансформација на ВЛЕН од коалиција во единствена партија, но сега вели дека било подобро да останат четири посебни партии до локалните избори.
„Се договоривме да функционираме како четири партии до локалните избори, а потоа да размислиме за обединување. Лично, тогаш укажав дека ако настапуваме одвоено, најдобро е и советничките листи да бидат посебни. Исклучително тешко е да се усогласат различни партии околу една листа – имавме такво искуство во 2021 година со Алтернатива“, вели Таравари.
Во однос на неодамнешната средба со косовскиот премиер Албин Курти, Таравари нагласи дека таа била пријателска и дека советите на Курти биле добронамерни. Тој негираше дека неговите политички потези се инспирирани од албанскиот премиер Еди Рама.
Осврнувајќи се на односот со премиерот Мицкоски, Таравари даде позитивна оцена, но ја критикуваше кадровската поставеност на ВЛЕН.
„Статусот на Албанците во Македонија не е лош. Односот на премиерот кон коалициските партнери е коректен – можеби најкоректен досега. Но, кога се спуштиме подолу – на ниво на директори, заменици – тука работите не функционираат како што треба. Се занимаваме со тривијални теми, наместо со суштински прашања,“ истакна тој.
На прашањето како ја гледа иднината на ВЛЕН, Таравари одговори:
„Се надевам дека ќе најдеме формула за заеднички настап на следните избори. Но, ако ме прашувате дали ВЛЕН ќе опстане како единствена партија по изборите – мислам дека тоа е речиси невозможна мисија. Ќе видиме што ќе покаже времето.“