Собранискиот спикер, Талат Џафери одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе биде некоректно да каже дека не го познава Абази, кој пред да стане шеф на ОЈО-ГОКК, беше шеф во Вишото јавно обвинителство-Гостивар. Ова доаѓа откако Ислам Абази негираше поврзаност со партијата која 20 години е дел од секоја власт која раководи со Македонија. Џафери е трет функционер од ДУИ кој има познанства со Абази. Претходно, во јавноста испливаа фотографии на Абази со функционери.
„Прво и основно јас сум претседател на Собранието и како пратеник. Како Собрание ние сме посебна власт, тие се посебна власт. Ние сме мала држава. Ако одиме од тоа дали се познаваме или не се познаваме, ќе биде некоректно да кажеме дека ние не го познаваме човекот којшто ни бил во Вишото обвинителство во градот Гостивар. Така што, во тој контекст не е спорно ние дали се знаеме или не, тие се посебна власт во рамки на судската власт како посебен орган Обвинителство, рече Џафери.
Според него, не е спорно ако Абази се познава и има комуникации со функционери на ДУИ, иако тоа за јавноста и стручната правна фела, претставува потврда дека евроинтегративците ќе раководи со ова важно обвинителство кое гони висок криминал.
„Тоа не треба да е спорно и доколку утре негде бидете избрани, а се познавате со претседателот на Собранието тоа да биде пречка во тој избор. Правото на избор е право загарантирано на секој граѓанин да биде избран, именуван, да гласа, да биде избран. Така што, во тие рамки не би смеело да се коментира“, додаде Џафери.