Александар Лукашенко минатиот петок отпатува за Москва. Рускиот претседател Владимир Путин пред камерите му се заблагодари на шефот на белоруската држава за неговата посета. Лукашенко низ смеа одговори: „Како да можев да кажам не“, анализираат светските медиуми.
Според написите, Лукашенко постојано покажува бунт против владетелите во Кремљ. Но, деспотот од Минск, според анализите, е повеќе зависен од Путин од кога било досега. Кога стотици илјади белоруски граѓани излегоа на улиците против него во 2020 година, тој остана на власт само со помош на Москва, пишува Дојче веле.
Според медиумот, можно е Русија да има многу подалекусежни планови за Белорусија, поточно претворање на западниот сосед во вазална држава. Барем тоа произлегува од документот за кој се вели дека потекнува од администрацијата на Путин и кој го проучувала меѓународна истражувачка мрежа, составена од германските јавни радиодифузери „WDR“ и „NDR“, минхенскиот весник „Зидојче цајтунг“, како и платформите „Yahoo News“, „Delfi Estonia“, „Kyiv Independent“, „Expressen“, „Frontstory.pl“, „VSQuare“, Белоруски истражен центар и Центар за досиеја.
Овој внатрешен, досега непознат стратешки документ, како што пишува медиумот, чија содржина досега не и беше позната на јавноста, наводно е составен во 2021 година и има 17 страници.
Тој наведува план за постепено припојување на независната европска земја Белорусија кон Русија преку политички, економски и воени средства. Тоа детално опишува како Русија може чекор по чекор да ја преземе контролата врз Белорусија со крајна цел да создаде т.н. Унија на држави и тоа најдоцна до 2030. Проектот „Сојуз на држави“ постои од 1999 година, но не се знаеше до каде одат плановите на Русија, пренесуваат медиумите во регионот.
Досега, според написите, се зборуваше само за „Сојуз на држави“, а оваа тема секогаш се претставуваше како здружување или спојување во интерес на двете страни. Меѓутоа, во документот приоритет се дава само на руските интереси.
Стратешкиот план, како што стои во извештаите, јасно ја наведува целта: „да се обезбеди доминантно влијание на Руската Федерација во белоруското општество, политика, трговија, економија, наука, образование, култура и информации“.
Се верува дека таму треба да се потисне западното влијание и да се создаде бедем против НАТО. Уставната реформа, за која беше одлучена во февруари 2022 година, исто така треба да биде завршена во согласност со условите поставени од Москва. Проруските елити треба да се инфилтрираат и во економијата, истражувачкиот сектор и граѓанското општество.
Документот, исто така, открива, пишуваат медиумите, дека Русија изгледа сака да го зголеми своето воено присуство во Белорусија и дека треба да се создаде заеднички систем на команда на вооружените сили. Дополнително, белоруската нуклеарна централа треба да се интегрира во мрежата за снабдување со електрична енергија на новосоздадената „Сојуз на држави“.
„Целта на Русија е да ја претвори Белорусија во марионета, да ја врзе толку тесно за себе што под која било влада или претседател, дури и по заминувањето на Лукашенка, Белорусија би останала во сферата на руската геополитичка контрола“, вели белорускиот политиколог и историчар Валериј Карбалевич. Сепак, спојувањето на двете држави ќе стави крај на „постоењето на Белорусија како независна држава“.
Неколку западни разузнавачки извори, според новинарските извештаи, сметаат дека документот е автентичен и веродостоен. Стратегијата мора да се гледа како дел од поширок план – создавање на таканаречена Голема Русија. Документот е поделен на два дела. Во првата се наведени стратешките цели на Русија во Белорусија, односно краткорочни до 2022 година, среднорочни до 2025 година и долгорочни до 2030 година. Целите се поделени во четири области: политички, воен и одбранбен сектор, социјален сектор, економија и трговија, се наведува во анализите, пренесени од регионалните медиуми.