Претставникот на Светската здравствена организација во Судан предупреди денеска дека постои висок ризик од биолошка опасност бидејќи една од страните во суданските борби зазела лабораторија со разни патогени, пренесува „Дојче веле“.
Нима Саид Абид од СЗО соопшти дека жителите на Картум се загрозени бидејќи во Националната лабораторија за јавно здравје, заземена од една од борбените фракции во Судан – не соопштувајќи притоа која од двете страни вклучени во актуелниот конфликт го зазела објектот – биле пронајдени многу потенцијално опасни патогени вклучувајќи ја и бактеријата што предизвикува колера.
Според Абид, техничарите не може да пристапат до Националната лабораторија за јавно здравје за да ги обезбедат материјалите.
„Ова е клучната грижа: нема пристап за лабораториските техничари да одат во лабораторија и да ги осигурат достапните биолошки материјали и супстанции“, изјави Абид преку видеоврска од Судан посочувајќи дека биолошкиот ризик е огромен.
Најмалку 459 лица загинаа, а болниците и основните услуги во Судан се парализирани откога на 15 април избувнаа борби меѓу вооружените сили лојални на де факто лидерот, генерал Абдел-Фатах Бурхан, и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), кои го поддржуваат неговиот заменик, генералот Мохамед Хамдан Дагало.
Интензивните борби ја принудија Канцеларијата за координација на хуманитарната работа на ОН (OCHA) да намали дел од своите активности во делови од Судан, а две други агенции на ОН – Меѓународната организација за миграција и Светската програма за храна – ја прекинаа работата кога дел од нивниот персонал беше убиен.
Во меѓувреме, Меѓународниот комитет на Црвениот крст истакна денеска дека привремениот прекин на огнот во Судан е потенцијален спас за цивилите што се заробени во своите домови без пристап до храна, чиста вода и медицинска нега.
„Ги поздравуваме извештаите за прекин на огнот и ја повикуваме меѓународната заедница да помогне да се најде трајно политичко решение за да се стави крај на крвопролевањето“, рече Патрик Јусеф, регионален директор на МКЦК за Африка.
МКЦК ги повика завојуваните страни и да ги почитуваат своите обврски според меѓународното хуманитарно право.