Утрински Весник
Свет

СЗО: Болницата Насер во Кан Јунис, по израелската воена опсада, повеќе не работи

Szo.jpg

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска изјави дека болницата Насер во Кан Јунис, на југот од Појасот Газа, повеќе не работи по еднонеделната израелска воена опсада и рацијата што се уште е во тек.

„Вчера и завчера на тимот на СЗО не му беше дозволено да влезе во болницата за да ја процени состојбата на пациентите и критичните медицински потреби, и покрај тоа што стигна до болничкиот комплекс за да достави гориво, заедно со партнерите“, објави Гебрејесус на платформата X.

Според него, во таа болница има уште околу 200 пациенти, а најмалку 20 од нив мора итно да бидат препратени во други болници за да добијат соодветна здравствена заштита бидејќи, како што истакна, медицинската нега е право на секој пациент, пренесува палестинската агенција Вафа.

Генералниот директор на СЗО предупреди дека „пациентите ќе платат со живот за одложување на помошта“ и повика на полесен пристап до пациентите и болниците за да се спасат животи.

Палестинската Црвена полумесечина денеска соопшти дека израелските окупациски сили истрелале артилериски гранати на третиот кат на болницата Ал-Амал во Кан Јунис.

Под силен израелски артилериски оган е и околината на болницата Ал Амал, која предизвика материјална штета, се наведува во соопштението на палестинската Црвена полумесечина.

Се наведува дека израелските напади врз болницата Ал-Амал резултирале со смрт на десетици цивили, вклучувајќи пациенти и раселени лица, а израелските окупациски сили спречуваат влез на храна, медицински материјали и гориво во болницата, заканувајќи се хуманитарна катастрофа и прекин на работата на болницата.

Во соопштението се наведува дека седуммина членови на палестинската Црвена полумесечина биле приведени при израелскиот воен напад на оваа болница пред девет дена и се уште се во израелски притвор.

Телекомуникациските услуги, вклучувајќи фиксни, мобилни телефони и интернет услуги, се прекинати во Кан Јунис веќе 34 дена, што доведе до прекин на комуникацијата меѓу различните тимови на Црвената полумесечина, се вели во соопштението.

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков