Светската здравствена организација (СЗО) следи неколку случаи на пневмонија од непознато потекло во Аргентина, од кои досега се регистрирани три смртни случаи.
Десет случаи се поврзани со приватна клиника во северозападниот аргентински град Сан Мигел де Тукуман, соопшти Панамериканската здравствена организација, регионалната канцеларија на СЗО.
Сите тестови за познати респираторни вируси и други вирусни, бактериски и габични агенси биле негативни, а властите ја отфрлиле можноста за ковид, се вели во соопштението на Заводот.
Биолошките примероци се испратени до Националната дирекција на лаборатории и здравствени институти на Аргентина за дополнително тестирање, кое ќе вклучува анализа за присуство на токсини.
Експертот за заразни белодробни заболувања од Универзитетот во Минесота, Мајкл Остерхом, смета дека причината за болеста може да биде нешто што пациентите го вдишувале, бидејќи белите дробови на пациентите во голема мера се погодени од инфекцијата. Неговиот прв избор бил Легионерската болест, но тестовите го отфрлија тоа, пишуваат медиумите.
Според него, понекогаш се случуваат „мистериозни болести“, а најчесто се објаснуваат со локални причини кои генерално немаат пандемични импликации.
Тој додал дека очекува попрецизни информации од аргентинските здравствени власти во следните пет до седум дена.