
Сведоците во случајот за пожарот во „Пулс“ кои неоправдано не се појавуваат на судење ќе бидат спроведени со полиција, соопшти обвинителството на денешното рочиште.
Дел од сведоците, како што беше посочено, не се достапни или одбиваат да сведочат, повикувајќи се на здравствени проблеми и психички трауми од трагичната ноќ на 16 март. Судот ќе испрати нови покани за нивно сослушување.
Судијката Диана Груевска-Илиевска појасни дека оние кои со медицинска документација ќе докажат дека не можат да присуствуваат, нема да сведочат, туку ќе се читаат нивните претходни изјави дадени во истрагата.
На денешното рочиште сведочеше само таткото на починатиот Александар Карадаковски, кој зборуваше за поврзаноста на неговиот син со управувањето на фирма. Судењето продолжува во четврток, кога се очекува сослушување на нови сведоци.

