
Граѓанската иницијатива SupportKocani ја информира јавноста дека е реализирана втората распределба на средства од заедничката сметка за донации, која беше формирана по трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во согласност со принципите на целосна транспарентност, отчетност и правна усогласеност, сите пристигнати средства од оваа фаза се распределени исклучиво на лица кои беа директно погодени од трагедијата.
Податоци за распределбата
* Вкупен број на лица кои добија финансиска помош: 137
* Вкупен бруто износ на донаторски средства: 10.944.793 МКД
* Персонален данок ПДД уплатен кон државата: 1.094.493 МКД
* Нето износ распределен по лице: 71.900 МКД
Секое лице доби подеднаква финансиска поддршка, со цел фер пристап и еднакво третирање на сите засегнати. Средствата се обезбедени преку донации од компании, здруженија, цркви, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и странство.
Целиот процес беше реализиран со внимателна координација со засегнатите страни и со административна и правна документација која обезбедува целосна усогласеност со важечките процедури.
SupportKocani изразува длабока благодарност до сите цркви, свештени лица, донатори, правни субјекти, и граѓани од Македонија и од странство, кои се вклучија во оваа иницијатива. Вашата солидарност го овозможи овој процес да биде успешен и целосно насочен кон оние на кои им е најпотребно.
Зад сите статистики и административни процеси стојат вистински луѓе. Млади што сè уште се борат со повреди. Семејства кои ја изгубија најважната личност во својот живот. Секоја донација што ја распределивме не е „сума“ – тоа е гест со кој заедницата им порача дека не се сами. Дека не ги заборавивме кога беше најтешко.
“Речиси 8 месеци, ние како волонтери, не престануваме со нашата мисија, и остануваме да се бориме и да стоиме покрај секој еден од засегнатите, како и од самиот почеток. Нашата главна цел никогаш не беа бројките, туку луѓето. И тоа ќе остане така. Затоа и ќе продолжиме да помагаме на оние што се борат, и оние што тивко болат.” – соопштуваат од иницијативата Support Kocani.



