Утрински Весник
Магазин

Суеверие старо со векови: Зошто петок 13-ти ги плаши луѓето ширум светот

Img 0822.jpeg

Денеска е петок 13-ти – датум кој со векови се поврзува со страв и бројни суеверија. Луѓето кои страдаат од параскаведекатријафобија, односно страв од петок 13-ти, често веруваат дека овој ден носи несреќа и непријатни настани.

Постојат повеќе теории за потеклото на ова верување. Една од најпознатите доаѓа од норвешката митологија. Според митот, дванаесет богови вечерале во Валхала – небесната сала на богот Один. На вечерата ненадејно се појавил и тринаесеттиот гостин, злобниот бог Локи.


Локи, од досада, решил да се пошегува со другите богови и го наговорил слепиот бог Ходер да го погоди Балдер – богот на радоста – со стрела чиј врв бил премачкан со имела. Балдер починал, а светот потонал во темнина. Од тој момент, бројот 13 почнал да се смета за злокобен.

Со суеверието се поврзува и Библијата. Според христијанската традиција, Јуда – апостолот кој го предал Исус – бил тринаесеттиот гостин на Тајната вечера.

Некои историчари сметаат дека лошата репутација на петок 13-ти потекнува од 1307 година, кога францускиот крал Филип IV наредил апсење на повеќе од сто витези од редот на Темпларите, обвинувајќи ги за ерес. Настанот се случил токму во петок, на 13 октомври.

Психолозите објаснуваат дека ваквите суеверија се поврзани со човечката потреба да се најде смисла и контрола во светот. Кога луѓето чувствуваат несигурност или страв, тие почесто веруваат во различни симболи, знаци или „среќни“ и „несреќни“ броеви.

И покрај тоа, експертите нагласуваат дека не постојат научни докази дека петок 13-ти носи повеќе несреќи од кој било друг ден во годината.

Интересно е што некои луѓе овој број го сметаат за среќен. Поп-ѕвездата Тејлор Свифт често истакнува дека бројот 13 е нејзиниот среќен број. Таа е родена на 13-ти, наполнила 13 години во петок 13-ти, а нејзиниот прв албум станал златен за 13 недели.

Можете да прочитате

Светската DJ супер-ѕвезда HUGEL пристигнува во Скопје за спектакуларна ноќ во Арена „Борис Трајковски“!

Дневен хороскоп за 13 март 2026

Колку пати се сака во животот: Одговорот ќе ве изненади