Утрински Весник
Македонија

Стразбур бара дообјаснувања од владата за судењето на Јанкуловска

Image 241487.jpg

Европскиот суд за човекови права во Стразбур отворил постапка по жалбата на поранешната министерка Гордана Јанкулоска за случајот „Тенк“, за да оцени дали во предметот постојат сериозни индиции за можни прекршувања на правото на фер судење.

Еден од клучните сегменти што го интересира Судот е користењето на прислушуваните разговори како докази од обвинителството. Одбраната на Јанкулоска тврди дека таа немала можност да ја оспори нивната автентичност, ниту пак имала пристап до целата документација, што, според нив, ја нарушило рамноправноста на странките во постапката.

Дополнителен аспект што привлекол внимание во Стразбур е улогата на судијката Добрила Кацарска. Судот сака да утврди дали претходни јавни изјави на Кацарска, дадени во друг поврзан процес кога ги осуди Никола Груевски и Ѓоко Поповски, можеле да создадат впечаток на предвремено определување за вината на Јанкулоска уште пред да започне нејзиното судење. Оттаму државата, т.е. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, треба да објасни дали била загрозена нејзината претпоставка на невиност и дали била обезбедена реална непристрасност.

Европскиот суд, исто така, отвора прашања за динамиката на судењето — процес кој се водел со забрзано темпо во период кога Јанкулоска имала ризична бременост. Се проверува дали таа имала доволно време и услови да ја подготви својата одбрана.

Стразбур анализира и обвиненија за процедурални неправилности во работата на судските совети. Во жалбата се наведува дека еден поротник не учествувал во советување и гласање, а во второстепената постапка на Врховниот суд биле заменети двајца судии без јасно образложение.

Фактот што Судот во Стразбур не ја отфрли жалбата туку побара детални одговори од македонските власти, според толкувањата, упатува дека сите овие елементи ќе бидат темелно испитани.Ова претставува прв процесен исчекор во полза на Јанкулоска, која отслужи повеќе од три години затвор за предметот „Тенк“. Стразбур практично нема да докажува дека имало или немало вина, туку дали добила фер шанса да се одбрани

Можете да прочитате

Уште еден случај: Малолетник силувал малолетничка во Скопје

Јанкуловска: Се надевам дека ќе има одговорност за се што ми направија

Уапсен 16-годишник од Охрид: силувал 12-годишно девојче, друг малолетник го снимал, а трет го уценувал девојчето